Грабежот што се случи завчера во НЛБ Банка нема да има никакви последици врз работењето на банката и работата со клиентите. Претседателот на УО на НЛБ Банка АД Скопје Антонио Аргир денеска истакнува дека банката ќе продолжи успешно да работи.
– Нашите клиенти не треба да се грижат ниту за средствата, ниту за функционирањето на банката, ниту за доброто работење на банката. Нашите колеги ќе ја надминат овие работи и ќе продолжат со добра работа, изјави денеска Аргир на одбележувањето 15 години од првото електронско банкарство во Република Македонија.
Тој додаде дека како и секоја институција НЛБ Банка ги има преземено сите активности за осигурување на секојдневното работење на банката.
Според информациите на полицијата, осомничениот вработен во трезорот на Банката Б.С. е приведен и се сомничи дека од трезорот одзел 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра во период во неколку наврати од 6 до 10-ти овој месец.
НЛБ Банка 15-години по воведувањето на електронското банкарство во земјава ја унапреди платформата и денеска ја промовираше мобилната апликација за правни лица кои ќе може своите плаќања да ги вршат преку мобилен телефон.
Аргир потенцира дека пред 15 години НЛБ Тутунска банка била прва која го воведува електронското банкарство преку кое сега се реализиран голем број налози и големи вредности.