Пратеникот Арбр Адеми ќе биде претставник на Демократската унија за интеграција во работната група на Министерството за правда за уставни измени.
Вечерва на полноќ истекува рокот до кога парламентарните партии и институциите треба да номинираат свои претставници во работната група за уставни измени.
Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за измени на Уставот. Рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии во дописот за номинирање свој претставник во работната група истекува на полноќ. Според последните информации, работната група треба да има меѓу шест и осум експерти. Политички партии и одредени институции во јавноста веќе ги соопштија имињата на лицата што ќе ги претставуваат.
СДСМ денеска на прес-конференција соопшти дека во работната група нив ќе ги претставува Цветанка Иванова, актуелна генерална секретарка на Собранието и поранешна пратеничка. Алијанса за Албанците соопшти дека претставник на партијата во работната група за уставните измени ќе биде пратеникот Ремзи Мехмеди. Според информациите, свој претставник во групата номинирала и Беса.
ВМРО-ДПМНЕ, Алтенатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз викендов информираа дека нема да учествуваат во работната група.
Во јавноста излегоа имиња на експерти, но засега нема официјална информација кој од нив ќе биде дел од оваа работна група. Од Министерството за правда велат дека се додека не заврши рокот, вечерва на полноќ, нема да соопштуваат имиња.
На дописот од Министерството за правда, први се одѕваа претседателот Стево Пендаровски, кој потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник, додека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кажа дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група. Во работната група, свои експерти треба да номинираат и од Министерството за надворешни работи.