Скопска апелација ја потврди пресудата со која обвинетиот Александар Алексовски е осуден на 14 години затвор за убиство на Михајло Чеврески.
Александар Алексовски беше осуден на единствена казна затвор во траење од 14- години, за сторено кривично дело „убиство“ и кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи“. Александар Костевски пак, е осуден на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци и обвинетиот Панче Наунчевски на казна затвор во траење од 5 години, двајцата за сторено кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело, се наведува во соопштението од Основниот суд Скопје 1 Скопје.
На 15 август 2011 година на локалниот пат кон езерото „Козјак“, осудениот Александар Алексовски со пиштол, за кој немал дозвола, со умисла го убил Михајло Чеврески.
Осудените Костевски и Наунчевски му помагале на Алексовски да не биде откриен од органите на прогонот, го земале телото на убиениот Чеврески и го одвлекле од патот со намера да го скријат, оставајќи го во грмушките покрај патот. Пред да го напуштат местото на настанот, првоосудениот Алексовски од Чеврески одзел златен ланец со крст, мобилен телефон и рачен часовник.
Неколку дена подоцна полицијата ги откри убиецот и неговите помошници.