Анкета на Владата: Мнозинството граѓани сакаат да се вакцинираат против Ковид-19

Од:

Околу половина граѓани на Македонија би се вакцинирале против Ковид-19, поголем интерес за вакцинација има кај повозрасното население, вакцина која би ја избрале најголемиот дел од оние што би прифатле вакцинација е Спутник В. Ова се клучните резултати од Истражувањето на јавното мислење и ставовите на јавноста за процесот на имунизација од КОВИД-19 кое по барање на Владата беше направено во текот на март годинава.

Над половина од испитаниците на анкетата спроведена на примерок од 1100 граѓани или 51% одговориле дека ќе се вакцинираат против Ковид-19. 18 посто се уште не се одлучиле, додека 28% рекле дека нема да се вакцинираат.

Според анкетата, најголема заинтересираност за вакцинација може да се забележи кај граѓаните на возраст над 50 години наспроти помладата популација. За разлика од повозрасните граѓани, една третирана од испитаниците на возраст од 18 до 39 години одговориле дека нема да се вакцинираат против Ковид-19.

На прашањето со која од шесте понудени опции на вакцини би сакале да бидат вакцинирани, 65% рекле дека тоа е Спутник В, за Фајзер се изјасниле 61% од испитаниците, а за Синофарм би се одлучиле 50% од нив. Другите три вакцини за кои што постои помала заинтересираност се Модерна со која би се вакцинирале 38% од испитаниците, потоа Џонсон и Џонсон со 36 проценти и најмалку преферирана е Астра Зенека за која се изјасниле 34 отсто од анкетираните граѓани.

Повеќе од половина или нешто над 50% од граѓаните рекле дека ќе се вакцинираат, но откако ќе добијат потврда за успешноста на вакцината. Подготвеност веднаш да се вакцинираат изразиле 42% од испитаниците.

Приближно половина или 45% од граѓаните сметаат дека се информирани за процесот на вакцинација. Телевизијата е најчест извор на информирање (73%), по што следи интернетот(45%) и социјалните медиуми (36%).

На прашањето какви информации им се потребни на граѓаните пред да се вакцинираат, најголем дел од нив или 52% рекле дека тоа се нуспојави или несакани ефекти од вакцината. Потоа релевантен податок за нив е безбедноста на вакцината за која се изјасниле половина од анкетираните, а 43 отсто сакаат да знаат колкав период ќе бидат безбедни од вирусот по примената вакцина.

Околу две третини од граѓаните сметаат дека вакцинирањето треба да биде доброволно. Наспроти нив 33% сметаат дека треба да биде задолжително.

Според резултатите, 73% од испитаниците во моментот кога е правена анкетата немале прележано Ковид-19, ниту пак некој од нивното потесно семејство. Сепак, постои загриженост дека ќе се разболат од коронавирусот и ваков одговор дале 40% од испитаниците.

Во постоењето на коронавирусот веруваат 86% од испитаниците, наспроти 11% кои не веруваат и 3% не знаат дали постои.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски