Анкета на ИРИ: Драматичен раст на оптимизмот за политичката ситуација и членство во ЕУ

Од:

Голем пораст на оптимизмот во врска со политичката ситуација во земјата и изгледите за членство во ЕУ, покажуваат резултатите од анкетата на населението во Македонија што денеска ги објави Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Според резултатите, бројот на граѓани кои ја опишуваат внатрешната политичка ситуација како „мирна и стабилна“ се зголемил од само 5 проценти во март 2017 на 44 проценти во август 2017 година.

Оваа промена, според ИРИ, е веројатно поврзана со неодамнешното формирање нова Влада по две години на жесток политички конфликт и несигурност.

Процентот на оние кои ја опишуваат моменталната состојба како „напната и неизвесна“, пак, паднал за 18 проценти од 62 проценти во март 2017, на 44 проценти во август 2017, а бројот на оние кои ја нарекуваат ситуацијата „критична и нестабилна“ бележи пад од 22 проценти и тоа од 32 проценти во март 2017, на 10 проценти во август 2017 година.

Македонските граѓани, исто така, посочуваат од ИРИ, изгледа дека се пооптимистични по прашањето за изгледите за пристапувањето кон Европската Унија. Бројот на оние кои мислат дека земјата сега е поблиску до пристапувањето во ЕУ отколку кога го добила кандидатскиот статус, скокна од 13 проценти во март 2017 година на 41 процент. Поддршката за членството во ЕУ и понатаму е силна на 77 проценти, со подобрување за 5 проценти од март 2017 година.

– Додека претходните анкети на ИРИ одразуваа длабока вознемиреност и песимизам во врска со стабилноста и траекторијата на Македонија, резултатите од ова истражување се многу охрабрувачки, вели регионалниот директор на ИРИ за Европа, Јан Сурочак.

Додава дека новата Влада треба да го препознае ова како можност да ја поврати довербата на граѓаните на Македонија и да преземе суштински мерки за решавање на прашањата кои се од најголемаважност за нив.

Обновеното чувство на стабилност што се рефлектира во истражувањето, сметаат од ИРИ, може да придонело за пооптимистички поглед кон економијата. Триесет и три проценти сега веруваат дека економијата ќе се подобри во текот на следните две години, што е зголемување за 12 проценти од март 2017. Исто така, се чини дека песимизмот во однос на квалитетот на животот во Македонија е намален, бројот на испитаници кои сметаат дека нивниот квалитет на живот се влошува, се намалил од 38 проценти во март 2017 на 24 проценти.

Анкетата била спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку Брима, фирма за истражување. Податоците биле собрани од 4 до 21 август 2017 година преку интервјуа лице-во-лице на национално репрезентативен примерок од 1.105 испитаници на возраст над 18 години. Маргина на грешка е плус или минус три проценти на среден опсег на ниво на доверба од 95 проценти.

Ова истражување е овозможено со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески