Исклучително силни, смртоносни отрови се расфрлани низ повеќе градови и села во целава држава, Валандово, Велес, Охрид, Куманово, Тетово, Ресен, Свети Николе, Битола, реагира Анима мунди.
Според нив, напоредно со другите градови веќе пет дена трае голготата за уличните и домашните животни во Скопје, пред се во Општина Аеродром. Реонот околу Тобако 2, Воените кули, поликлиниката Јане Сандански, населбата Мичурин; Ново Лисиче и тоа веднаш покрај Полициската станица во Ново Лисиче и детската улица Тоше Проески, се места на постојано расфрлање отрови од кои досега настрадаа најмалку 15-тина животни.
Отровите се поставуваат во близина на маркети, детски игралишта и паркови, влезови, кафичи и ресторани повеќето со безбедносни камери што би послужиле како доказен материјал за пронаоѓање на сторителот.
,,Иако поднесуваме пријави и реагираме, општината и полицијата не преземаат ништо. И покрај посочување на осомничени со докази и директни закани од истите, полицијата и општината молчат а бранот на труења продолжува. Веќе вториот ден повикани се на место каде што наша активистка пронајде храна со непозната прашкаста материја, место каде што предходниот ден угинаа безброј животни, за на крај самата да биде принудена да се ослободи од отровот за да не бидат други жители и животни во опасност од истата. Поточно, постапи по насоки на полицаец кој и кажа отровот да го уклони самата а доколку сака приватно да поднесува тужба. Посочуваме дека отровите кои се користат за труење на животните можат да бидат фатални по човек и со само вдишување”, се вели во соопштението.
Тие бараат итна меѓуинституционална координација и постапување согласно законските овластувања, како и воспоставување трајна законска забрана за слободната продажба на отровни материи кои се закана по животот и безбедноста на сите граѓани.