Од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ информираат за масовно труење кучиња во Пехчево, при што, како што велат, комуналните служби со багери ги собираат и закопуваат кучињата додека сè уште се живи.
„Одвратни, умоболни слики и снимки денес стигнаа до нас, кои без дилема сведочат за масовно и организирано труење на животните во Пехчево. Цел град, животните, но и луѓето, а децата, пред сè, се изложени на опасност за својот живот од отрови што сотреа еден куп миленици и животни што немаат дом“, истакнуваат од здружението.
Оттаму велат дека во однос на овој проблем ажурни се само од комуналното претпријатие во градот, кое уредно поминува со багери и ги собира мртвите, но и сè уште живи животни.
„Бруталност каква што досега немаме видено, при што живите животни душата си ја испуштаа мегу запците на багерот, фрлани како натрупано ѓубре. Срам ни е што живееме тука, срам ни е што овие слики и снимки допрва ќе ги види целиот свет“, додаваат од „Анима мунди“, од каде што во контекст на овие обвинувања пренесуваат изјава од сопственик на едно од пцовисаните кучиња.
„Едното куче ми го отруја. Деца сакаа да го погалат, така забележав. Среќа што видов навреме, можеа да се затрујат и децата“, изјавил Марјанчо Димитров, кој ја загубил својата Лиска.
Тој е еден од многуте што со свои очи видел тетеравење, кое, како што велат од здружението, најблиску личи до силен епилептичен напад и задушување во повраќаница до смрт.
Од „Анима мунди“ бараат итна полициска истрага во врска со овој случај и најстрога казна за организаторите – нарачателите и спроведувачите на монструозниот чин.
Од таму сметаат дека одговорност треба да преземе и општинската администрација на чело со градоначалникот Драган Тренчовски за кого велат дека и во претходен случај на труење на животни, пред речиси пет месеци, ветил дека ќе спроведе истрага со цел откривање и санкционирање на сторителот, но без резултати.