На скала од 1 до 10, оценката за квалитетот на дебатата во Собранието во првото полугодие на 2023 година е 5,5, што е влошување од претходното полугодие (јули – декември 2022) кога оценката беше 5,7.
Ова го покажа набљудувањето на Институтот за демократија во периодот јануари – јуни 2023 година. Во фокус беа дискусиите што се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.
Извештајот за овој период покажува ниско ниво на квалитет на дебата и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување.
„Нивото на аргументирање е благо влошено во споредба со претходниот период на набљудување јули – декември 2022 година. Говорниците во 49% од нивните анализирани излагања немаа аргументи, додека во 44% слабо аргументираа. Во само 7% од набљудуваните дискусии говорниците користеа еден аргумент за да ја образложат нивната позиција, што е на речиси исто ниво во споредба со претходниот период. Само 8 говорници користеа 2 аргумента, додека повеќе од два аргумента за да ја поткрепат својата позиција имаше само во само 0,1% од набљудуваните излагања.
Пратениците во 11% од набљудуваните дискусии користеа факти од истражувања, искуство, документи и други релевантни извори како дел од нивното образложение, со што се потврдува генералното ниско ниво на аргументирање. Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците поради подобри аргументи на соговорниците или каква било друга причина што е на исто ниво со минатиот период на набљудување (јули – декември 2022 година)“, се вели во Извештајот.
Кога станува збор за односот на пратениците кон личноста на своите колеги од друга политичка партија, во 3% од дискусијата е искажано почитување што укажува на значителен пад во однос на претходниот период на набљудување кога почитување било искажано во 17% од случаите.
Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во околу 87,3% од нивната дискусија не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.
Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 76% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 24%. Најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Дајанчо Ефтимов, Здравко Трајанов и Бети Стаменкоска Трајкоска, а најчесто се јавувале за збор Здравко Трајанов кој зел збор 85 пати, Дајанчо Ефтимов и Бојан Стојаноски 70 пати и Лидија Петкоска со 59 пати. Учеството на жените во дискусијата е 43% и се задржува на релативно високо ниво, исто така претставува највисоко учество на жените во дискусијата во споредба со претходно набљудувани мандати.
Институтот за демократија од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално.