Нападот против ЛГБТИ активистите во саботата, во поранешната Југословенска Република Македонија, повторно ја истакнува итната потреба од правна заштита од хомофобично и трансфобично насилство и секој друг вид на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет – реагираше Амнести Интернационал на 23-ти април.
На 20-ти април, активисти од граѓанските организации ЛГБТ Јунајтед и Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници беа нападнати од група фудбалски навивачи во градот Битола.
Активистите, кои носеле знаме со боите на виножитото, биле на главната улица во градот, носејќи знамиња, транспаренти и лепеле постери за правата на ЛГБТИ луѓето, како дел од проектот „Граѓанска иницијатива за ЛГБТ права“. Тројца од активистите беа нападнати од страна на четворица мажи, на кои подоцна им се придружиле уште тројца. Напаѓачите насилно ги одземале постерите и со нив ги удирале активистите по главите и лицата. Активистите биле цел и на вербални напади, плукани и туркани. Кога еден од активистите се обидел телефонски да повика помош, еден од напаѓачите го грабнал телефонот и го фрлил на земја, заканувајќи му се на активистот дека ќе го убие.
Веднаш штом напаѓачите си заминале, активистите го пријавиле нападот во полиција, и го повикале Министерството за внатрешни работи да ги пронајде сторителите и да ги изведе пред лицето на правдата.
По нападот, групата ЛГБТ Јунајтед добила повеќе закани за физички напади, понекогаш и смртни закани, на својата Фејсбук страница. Една слика од активистите била закачена на Фејсбук страната на навивачката група, со натпис „Во Битола нема да газат нозе педерски“.
Ова е последниот настан на насилство кон ЛГБТИ луѓето во Македонија. Во октомври беше нападнат ЛГБТИ Центарот во Скопје, а во ноември двајца активисти беа нападнати во Скопје пред Маршот на толеранција.
Македонските власти досега не ги внесоа во законодавството сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација. Исто така, нема ниедна одредба во Кривичниот законик, која се однесува на постапките при злосторства од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Амнести Интернационал ги повикува македонските власти да обезбедат брза, непристрасна и ефективна истрага за нападот во Битола и сите други напади кон животот и имотот на ЛГБТИ луѓето и организациите. Наводните хомофобични или трансфобични мотиви треба темелно да се истражуваат и наводните сторители треба да имаат фер судење.
Владата треба под итно да преземе мерки за измена на легислативата за анти-дискриминација, за да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација. Исто така, поради недостигот од легислатива која забрнува злосторства од омраза, владата без одложување треба, во консултација со ЛГБТ организациите, да ја донесе потребната легислатива, која изрично ќе ги содржи злосторствата од омраза врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, како и врз основа на етничка припадност, раса, пол и други основи според меѓународните стандарди.