Амбасадорката на Босна и Херцеговина во Република Македонија, Лепа Бабиќ денеска ја посети општина Македонска Каменица каде на средба со градоначалникот Дарко Митевски разговарале на повеќе теми од политичка и економска сфера и можностите за соработка.
Посебен приоритет беше даден на можноста за размена на искуства и продлабочување на соработката, преку заедничко аплицирање на општина Македонска Каменица и општини од Босна и Херцеговина на повиците на различни европски фондови.
Амбасадорката Бабиќ истана дека конфигурацијата на теренот, демографската и економска состојба во една од најмалите општини во регионот, во многу нешта наликувала на некои општини во Босна и затоа, рече, сака да го искористи искуството на Каменица во изработка на ИПА проектите.
– Најмногу не интересираат меѓуграничните проекти, зашто како апликанти за ЕУ, ние сега се соочуваме со проекти од тој тип. Во таа насока искуствата на Каменица ќе ни значат многу, изјави Бабиќ.
Градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски истакна дека разговарале за проектите кои се спроведуваат во М. Каменица,
– Разговаравме за проектите кои се реализирани преку ИПА-програмата, преку Владата и најразлични донатори, но и за проектите кои се финансираат од буџетот на самата општина, рече Митевски.
Станало збор и за условите на живеење на граѓаните во малите општини, како и за актуелните случувања во земјава и регионот, додадеМитевски.
Општина Македонска Каменица во соработка со бугарската општина Белица, досега има реализирано проекти во вредност од околу половина милион евра, од кои позначајни се уредувањето на туристичкиот локалитет „Еленец“, отворање народна кујна и физибилити студија за ски-центар на Царев Врв. Македонска Каменица работи на проекти кои се однесуваат на инфраструктурно поврзување на сите населени места во општината, како и на изградба на водоводна, канализациона и атмосферска мрежа.