Амбасадите на Франција и на Алжир во Република Македонија по повод одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна, на Француските гробишта одржаа комеморација за битката кај Битола од 18 мај 1917 година.
Според историски податоци, во 1916 година Француската армија го освоила градот Битола, кој бил гранатиран од бугарската артилерија од правец на планината Баба. Пролетта 1917 година, Франција започнала офанзива, но таа резултирала само со убиствени борби. На 18 мај, бугарските топови ја гранатирале областа наречена „Црвена Скала“. Во борбите учествувале 6.000 војници кои припаѓале главно на полкови од Алжир, составени од Алжирци или Французи родени во Алжир. Загубите биле страшни. Голем број од тринаесетте илјади војници погребани на Француските воени гробишта во Битола загинале на 18 мај 1917 година, а преживеале само 259 војници, беше посочено на комеморативниот настан во Битола.
– Првата порака што токму од ова место сакаме да ја нагласиме е фактот дека тука, во оваа држава се случувале ужасни настани на кои мора да потсетиме. Се сеќаваме на војниците кои ги загубиле своите животи во 1917 година, и да извлечеме поуки од минатото за денес. Задничката иднина на земјите од Медитеранот треба да се гради во европски дух и сите знамиња да бидат духот на братството, рече францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Амбасадорката на Алжир во Македонија Таоус Џелули, на комеморацијата на француските гробишта порача дека тоа што се случило во битката кај Битола во 1917 година, треба никогаш да не се повтори и никогаш да не се заборави пожртвуваноста на сите жртви кои се бореле заедно и заедно го изгубиле својот живот.
-Не можеме да бидеме бесчувствителни на тоа што го гледаме пред нас. Инсистирам на зборот споделено сеќавање затоа што мноштвото загинати војници на овие гробишта се од различна вера и потекло, но сите загинаа за еден ист идеал. Најголем дел од загинатите војници немаа нити 30 години и затоа порачувам никогаш да не се повтори, посочи амбасадорката Џелули.
На комеморативниот настан на Француските гробишта во Битола цвеќе положија амбасадори и конзули на повеќе држави, претставници на македонското Министерство за одбрана, градоначалникот на општина Новаци и претставници на политичкиот живот во градот и државата.