Политичките партии кои не беа дел од злото што го произведоа хибридниот режим меѓу најкорумпираните во светот, ги надминаа разликите и создадоа ново мнозинство, на кое ќе продолжат да се додаваат прогресивни и храбри луѓе, велат од Алијансата за Албанците преку соопштение.
Од партијата порачаа дека државата ќе има нова влада без СДСМ и ДУИ и нема враќање назад. Новото мнозинство, велат од Алијанса за Албанците, е најдобриот одговор на повиците на претседателот Бајден, ЕУ и други меѓународни пријатели за борба против криминалот и корупцијата.
„Дојде крајот на владата со функционери кои се на црната листа на САД. Денеска режимот падна и сега почнува вистинската слобода на граѓаните воопшто и на Албанците особено. Граѓаните веќе нема да се плашаат од партизираната полиција и криминализираниот систем на ДУИ. Нема да има повеќе директори кои им се закануваат на вработените и инспектори кои ограбуваат бизниси. Нема да има повеќе бизнис изнуда од корумпирани функционери како Катица Јанева со Боки13, нема да има повеќе злоупотреби на јавните средства како што правеше Рашковски, а уште помалку со европските средства како што направи функционерот на ДУИ Јахиу. Нашата земја повеќе нема да биде црна дупка во Шенгенскиот систем на ЕУ, каде што доаѓаат дилерите на дрога од целиот свет и купуваат пасоши за да избегаат од Интерпол“, се наведува во соопштението.
Понатаму, од партијата на Зијадин Села велат дека ќе уследат слободни, фер и демократски избори, право кое, како што тврди партијата, на Албанците им е ускратено повеќе од две децении.