Алчноста на работодавачите им го „краде“ стажот на работниците

Од:

Недефинираното работно време станува сè поактуелно во Македонија. Работодавачите сè почесто пријавуваат работници на скратено (неполно) работно време, иако работниците работат осум или повеќе часови. Работниците велат дека често се манипулира со евиденциите за работни часови, така што се пишува едно работно време, а се работи по друго.

Реченицата: „Доколку не ти се допаѓа, може слободно да си одиш“ ѝ е добро позната на 27-годишната кумановка, И.В. која на свои плеќи ја почувствува алчноста на работодавачите.

-Работев по осум часа на ден во прехранбена продавница, а бев осигурана на четири. Најголемиот проблем настана кога останав бремена, па побарав работодавачот да ме пријави на полно работно време, колку што работев. Тој не сакаше, па морав да делам од својата плата и сама да си ги плаќам придонесите , раскажа таа.

Идната мајка била принудена, од својата плата што изнесувала 8.000 денари, девет месеци да издвојува по 3.000 денари за да го оствари своето законско право на породилно отсуство.

Не се почитува ниту законот

Членот 48 од Законот за работни односи на Република Македонија предвидува можност за склучување договор за вработување со неполно (скратено) работно време. Ова значи дека работникот може да работи пократко од полното работо време, да има договорни права и обврски исто како и вработените со полно работно време. Од друга страна, работодавачот има обврска во договорот за вработување да го прецизира почетокот и завршетокот на неполното работно време.

Во фирмите молк и работа

2Решивме подлабоко да го истражиме проблемот и се упативме во фирмите кои работат во просториите на некогашниот чевларско-индустрискиот комбинат „ЧИК“ во Куманово, каде што, според неофицијални информации, голем број вработени се соочуваат со овој проблем.

Уште од самиот влез во една од фирмите, ве пресретнуваат мрачни и непроветрени погони, смрдеа на пот измешана со продорни мириси од разни хемикалии и лакови. Тоалетите се супстандардни и бескрајно валкани, а ретко кој погон има просторија за јадење, па на паузата се јаде стоејќи.

Од нашиот труд тој стана газда, а гледате во какви услови работиме. Не ни помислуваме на одмори, бидејќи и за викендите и празниците мора да сме на работа. Веднаш би дала отказ, но стравувам дека потоа немам каде да се вработам – вели 44-годишна работничка, вработена во една од фирмите за чевли.

Дел од работниците го потврдија проблемот со скратеното работно време, но повеќето од нив се плашеа јавно да проговорат од страв да не го изгубат и тоа работно место што го имаат.

Слична е и состојбата со работното време на вработените во другите градови низ Македонија. Во Штип и во Струмица се речиси идентични условите за работа, но и проблемите со коишто се соочуваат вработените. Исто како и во фирмите што ги посетивме во Куманово, наидовме на нехигиена, ограничена пауза за одмор и страв во очите на работниците.

И надлежните се запознаени со злоупотребата

3Од Државниот инспекторат за труд, најповиканата институција за надзор и реакција за овој проблем, истакнаа дека работодавачот за вакво прекршување може да добие казна од 1.000 евра. При првата контрола, Инспекторатот само ќе го предупреди работодавачот, и покрај констатираната злоупотреба врз работникот. Казната следува дури по втората контрола и утврдување на истиот прекршок.

­- При надзорите во ноември и декември минатата година, како и во јануари годинава, кај 116 работодавачи беа констатирани неправилности за скратено работо време. При повторните контроли во април е забележано дека работниот однос на истите вработени е трансформиран во полно работно време – изјави Злате Стојановски, раководител за работни односи при Државниот инспекторат за труд.

Во Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, имаат поинакви податоци. Според Анѓелко Анѓелковски, генерален секретар во ССМ, минатата година пристигнале 99 пријави за прекувремена работа.

Ставот на работодавачите

При разговорот со работодавачи од Куманово, нивниот првичен став беше дека работниците пријавуваат проблеми, а на прашањето за што најчесто се жалат, ни нагласија дека кај нив сè е во ред и дека никој не се жали.

Screenshot_13

 Со злоупотребата губи и Државниот буџет

Пресметките велат дека доколку еден работодавач има вработено 100 работници на скратено работно време, наместо за секој од нив да плаќа целосна сума за придонеси (која изнесува 4.500 денари доколку работникот е вработен со полно работно време), работодавачот плаќа само 2.250 денари. Тоа значи дека работодавачот на месечно ниво заштедува 225.000 денари. Државниот буџет по оваа основа е во минус за 27.000.000. денари, објаснува Гордица Бошковска, правничката од Сојузот на синдикати.

Колкав е бројот на вработени со скратено работно време?

Според последните информации од Управата за јавни приходи, минатата година имало 20.260 работници со скратено работно време. Бројот на работници со неполно работно време во првите месеци од оваа година се намали на 16.671 лица, што значи дека на околу четири илјади лица им е трансформиран работниот однос од 4неполно работно време во полно работно време или, пак, останале без работа.

Државниот инспекторат за труд и УЈП од октомври минатата година започнаа да спроведуваат акциски план, со цел да го намалат бројот на вработените со скратено работно време и за да ја спречат злоупотребата на работодавачите.

Имено, УЈП и Агенцијата за вработување го известуваат инспекторатот за склучените договори со неполно работно време, а потоа тој врши контроли во наредните три месеци.

Се злоупотребува и електронското евидентирање

И покрај тоа што во член 116 од ЗРО стои дека работодавачот кој има над 25 вработени е должен да води електронско евидентирање на полното работно време и на прекувремената работа, во одредени фирми во Македонија тоа се прекршува.

Од Инспекторатот се запознаени дека одредени работодавачи може да ги злоупотребат електронските картички за евиденција на работното време. Работодавачите внесуваат едни работни часови, а применуваат други, поради што Инспекторатот тешко може да го забележи тоа, бидејќи врши контрола според листата на електронска евиденција.

Затаена синдикална активност 

Емил Крстановски, националниот координатор на Меѓународната организација за труд со канцеларија во Скопје, смета дека една од причините поради губењето на довербата во синдикатите е тоа што веројатно тие не успеале да ги заштитат работниците во моментите што биле одлучувачки за нивната егзистенција.

-Во Македонија само околу 23 проценти од работната сила се синдикално организирани. Постои проблем и во фирмите коишто ги поседуваат странски инвеститори, бидејќи во нив нема волја да се овозможи синдикално организирање, додаде тој.

Од друга страна, пак, работодавачите велат доколку сакаат, работниците може синдикално да се организираат, но за тоа треба да плаќаат членарина.

Светлана Ристовска Антиќ, генерална секретарка на Организацијата на работодавачи на Македонија, вината за малиот број на синдикално организирани работници и работодавачи ја гледа во тоа што тие не сакаат да плаќаат членарина (која се движи од 80 до 200 денари, во зависност од висината на платата).

Според Димитар Апасиев од движењето за социјална правда „Ленка“, не може да се зборува за почитување на правата кога имаме систематски структурно насилство.

Живееме во држава во која е јавна тајна дека шивачките работат

По 10-12 часа на ден седум дена во неделата, држава во која секоја седмица загинува по еден работник во несреќен случај. Со константна посветеност, сите досегашни влади, без исклучок, ги намалуваа работничките права – изјави тој и додаде дека се потребни конкретни акции кои ќе бидат во корист на работникот, како, на пример, задолжителни колективни договори.

 Правни лекови како дел од решението

Правниот систем во државата нуди неколку решенија. Доколку работникот е член на синдикална организација, може да ја искористи бесплатната правна помош и да поведе судска постапка за остварување на своите работнички права.

Според правничката Бошковска, по тужбеното барање на работникот, судот може да му наложи на работодавачот да го осигура работникот на полно работно време и да му ги плати придонесите, како и судските трошоци. Во случај да не е синдикален член, работникот има право на приватна тужба која би го чинела приближно 10.000 денари.

Она што им останува на работниците за да се заштитат од оваа аномалија е да се освестат и да започнат да ги пријавуваат недоследностите. Од друга страна, надлежните институции треба да вршат почести контроли за времето на коешто се пријавени работниците.

Здравко Савески, универзитетски професор и претставник на левичарското движење „Солидарност“, решението за овој проблем го гледа во поттикнувањето јавни расправи за работничките права, поголема активност од самите работници и формирањето синдикати кои ќе им бидат патоказ кон остварување на нивните права.

Автор: Елена Георгиевска

(Текстот е дел од дипломската задача на авторката, на Високата школа за новинарство и односи со јавноста)

Би можело да ве интересира

Голем интерес за сезонска работа: Рекорден број на агенции за вработување странци во Хрватска

А1он

На граѓаните не им се работи во „Бехтел и Енка“: Стигнале само 360 апликации за 2.000 работни места

A1on

Бројот на слободни работни места во Словенија достигна рекордно високо ниво во вториот квартал

Драстичен пад на вработените во угостителскиот сектор во Германија

Во Хрватска сезонска плата над 1000 евра за печење палачинки

Предраг Петровиќ

Стопанството бара под итно да се изгласа ребалнсот на Буџетот

Ана Ололовска