Четиригодишното дете од Струмица, кое со тешки повреди беше донесено на Детската клиника во Скопје, во моментов е со стабилни витални параметри, на лекување и следење на Одделот за гастроентерохепатологија, потврди директорката на Клиниката, Валентина Цвејоска – Чолаковска.
Девојчето беше примено во струмичката болница потхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата, со инфицирани рани и скршени ребра. Поради сериозноста на повредите е префрлено на Детската клиника во Скопје.
Мајката на девојчето рекла дека детето е повредено при напад на куче, но истражните органи проверува дали тоа е вистина. Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, вели дека нема податоци од каде е семејството бидејќи немаат документи .
„ Семејството не е евидентирано во систем, бидејќи привремено престојувале во Струмица и немале лични документи, па не остваруваат ниту права од социјална и детска заштита. Семејството има уште две деца кои сега ги чува дедото, а во тек е постапка за нивно сместување во згрижувачки семејства.“ изјави Тренчевска
За да си ги добие трите одземени деца, мајката ќе мора да ги зајакне родителските вештини.
„ Стручниот тим од Центарот за социјални работи ќе работи со мајката за јакнење на нејзините вештини за родителство, за да може по извесен период, штом Центарот утврди дека мајката ги има капацитетите дека може да се грижи за децата, да и бидат вратени децата. Дотогаш децата ќе бидат згрижени во згрижувачко семејство, каде што ќе им бидат обезбедени сите услови за нормално детство на сите три малолетни деца“, рече министерката Тренчевска.
Дополнителни мерки министерката најави дека ќе бидат преземени откако МВР и Обвинителството ќе го завршат нивниот дел од работата.
„ Доколку Центарот за социјални работи утврди дека нема услови понатаму родителите да се грижат за овие деца, ќе им бидат одземени и сместени во згрижувачки семејства. Обвинителството работи и очекуваме штом заврши истрагата и штом ги имаат сите докази, да ни бидат доставени за да можеме соодветно на нив да преземеме конкретни активности“, рече министерката Тренчевска.
За целото семејство ќе биде спроведена постапката за евиденција во Управата за водење матични книги за да можат да бидат вклучени и да ги остварат правата за социјална и детска заштита.
Центрите за социјална грижа беа алармирани откога мајката го однесе повреденото четиригодишно девојче во струмичката болница со повреди по целото тело, а од таму заврши на Детската клиника во Скопје. Трите малолетни деца од семејството на четиригодишното девојче кое петти ден е сместено на клиниките Мајка Тереза добиле старател по службена должност.