Откако депонијата во Вардариште беше мапирана како една од критичните точки за загадување на воздухот, комуналните инспектори на општина Гази Баба, заедно со Инспекторатот на град Скопје, Јавното комунално претпријатие Гази Баба 2007 и МВР, денеска извршија увид на дивата депонија во Вардариште.
При увидот, извршена е заплена на 1 тон стари и уништени гуми кои се наоѓале во дворовите кај граѓаните, отпад кој досега беше пален на отворена површина, со што значително се загадуваше животната средина.
Со оваа акција, општината Гази Баба, заедно со инспекторатот на градот Скопје ја започнува битката со палењето на огнови на отворени површини, особено на дивите депонии, од кои се шири непријатна миризба и кои енормно го загадуваат воздухот.
Ги повикуваме сите граѓани на бројот 193 да пријават палење на огнови или опожарување на јавни површини за да можат институциите навремено да реагираат.
Општина Гази Баба самостојно или заедно со релевантните институции и во наредниот период ќе работи на лоцирање на загадувачите на животната средина во општината, а за прекршителите, ќе следуваат соодветни казни.