АХВ: Стафилокока најдена во макароните, кај куварот, послужувачот на храната и работните површини

Од:

Стафилокока ауреус во макароните, кај куварот и кај лицето што ја послужувало вечерата, е причина за минатонеделното труење на вработените, вкупно 120, во фабриката Леар.

Ова го потврди денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако ги доби резултатите од извршените лабораториски испитувања на земените мостри од храна и брисевите од работните површини од кујната на објектот каде се подготвувала храната за потребите на фабриката од Тетово и од мензата каде истата се послужувала.

Според АХВ, поднесена е прекршочна пријава против операторот со храна, а најверојатно ќе биде поднесена и кривична пријава.

– Со испитувањата е утврдено присуство на бактеријата и во дел од брисевите земени од работните површини во кујната каде храната се подготвувала. Објектите за подготовка и за послужување на храната (кујната и мензата) се затворени, инспекциските служби наредиле мерки за отстранување на констатираните недоследности со вонредната контрола која ја спроведоа тимови на АХВ, санитарната инспекција и Центарот за јавно здравје во присуство на јавен обвинител, информира АХВ.

Објектите за подготовка и за послужување на храна ќе бидат повторно отворени по спроведувањето на наредените мерки и по извршените повторни лабораториски испитувања на земени мостри од брисевите од работните површини, со кои ќе се потврди безбедноста.

– Операторот со храна задолжително ќе мора да се регистрира, бидејќи со контролите е констатирано дека ниту тој, ниту мензата каде храната се послужувала не се евидентирани во Агенцијата за храна и ветеринарство, а лицата кои ќе бидат ангажирани во подготовката и послужувањето на храна ќе мора да бидат здрави, да имаат валидни здравствени книшки и помината обука за работа со храна. Задолжителна мерка која ќе мора да се спроведе пред да се почне со работа во кујната и мензата е и вршењето дезинсекција, дератизација и дезинфекција, посочува АХВ во соопштението.

Би можело да ве интересира

АХВ казни 14 месарници: Продавале небезбедна храна и ја занемариле хигиената

АХВ заплени и уништи 1.740 килограми небезбедна храна

Горан Наумовски

АХВ прави чистка пред Велигден: уништени месо, јајца, бои, ракија

АХВ и МВР во магацин во Маџари пронајдоа 40 тони небезбедни сувомесни производи

Катерина Ѓуровски

АХВ изрече казни од 82 илјади евра за големите ланци на маркети

Инспекторите на АХВ под лупа ги ставија и болничките кујни

А1он