Агенцијата за храна и ветеринарство денеска соопшти дека во ниту еден примерок млеко или млечни преработки увезени во земјава, вклучително и од соседна Србија, нема присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации.
– Млекото, преработките од млеко, покрај со здравствен сертификат, при увоз во земјава се пропратени и со извршени лабораториски анализи во земјата од каде се увезуваат, за утврдување на евентуално присуство на афлатоксин. Испитувањата задолжително се вршат во акредитирани лаборатории, со акредитирани методи, се вели во соопштението.
Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека безбедни се и сувомесните преработки и оние кои се увезуваат од Црна Гора, каде според пишувањата на тамошните медиуми, од страна на инспекциските служби во некои погони било утврдено присуство на бактеријата листерија.
Од Агенцијата истакнуваат дека покрај лабораториските анализи направени во земјата извозник, задолжително во Македонија се врши и лабораториско испитување за утврдување на присуство на листерија со земање на мостри од страна на официјалните ветеринари.