Побарав помош од нашите меѓународни пријатели во олеснувањето и започнувањето на дијалогот меѓу двете политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. ДУИ би се приклучила на процесот во понатамошна фаза односно во моментот на изготвување на агендата. Засега не гледаме зошто би биле дел од проблемот, настојуваме да помогнеме во негово решавање, изјави лидерот на ДУИ Ахмети, по денешната средба со амбасадорите на САД, Велика Британија, Турција, Данска и ЕУ при ОБСЕ во Виена.
Ахмети вчера се сретна и со заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Ји, а претходно и со амбасадорите на ОБСЕ и на ЕУ во Македонија. На овие средби, како што рече Ахмети, зборувал за значајни прашања за Македонија и за можностите за решение и излез од актуелната криза во земјата.
– Првите средби треба да бидат средби на доближување и помирување и потоа во понатамошна фаза да се присоедини и ДУИ во подготвувањето на агендата за извлекување од политичката криза. Побаравме ова менаџирање да биде сторено од нашите пријатели во ЕУ со најдобрата цел. Секој резултат од тој дијалог да се имплементира и да се материјализира од страна на страните што се вклучени, рече Ахмети.
Менаџирањето на разговорите од страна на ЕУ, според Ахмети, треба да го подигне нивото на доверба кон завршувањето на овој процес.
– Ние сме суверена држава и имаме суверени институции и не сметаме дека државните институции треба да бидат исклучени од овој процес туку заедно со нив да се ангажираат политички и правни експерти од ЕУ. Јас побарав ЕУ да биде охрабрена од САД и да има поголема ангажираност од ЕУ и посериозен приод кон решевањето на ситуацијата и постигнувањето на помирување за создавање на една агенда за да се излезе од кризата, без да прејудицирам крајно решение од политичкиот дијалог, изјави Ахмети.
Лидерот на ДУИ вели дека ниту еден граѓанин на Република Македонија не треба да биде вознемирен од олеснувањето и помошта од ЕУ и да смета дека се губи суверенитетот на државата.
– При ова ние не губиме ништо ниту суверенитетот ниту се негира интегритетот на државата, изјави Ахмети.
Од голем интерес за Македонија, според Ахмети, е да се сочуваат односите меѓу двете етнички групи, како и да се вопстават одлични односи со соседите.
Повика сите политички партии во земјата да се стават во служба на враќање на атмосфера за што потранспарентен дијалог, а опозицијата да се врати во Собранието.
Делегацијата од амбасадори во ОБСЕ попладнево ќе имаат средба и со лидерот на СДСМ Зоран Заев. Предвидено е да се сретнат и со претставници на Владата, на политички партии и на НВО.