Агенцијата за национална безбедност преку соопштение реагира на денешната прес конференција на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Според АНБ, на прес конференцијата биле изнесени бројни дезинформации во врска со работењето на Агенцијата за национална безбедност, кои во целост ги отфрлаат како невистинити и тенденциозни.
„Наводите за наводна посредничка улога на Агенцијата за национална безбедност во процесот на следење на комуникациите и за наводен монопол во во системот за следење на комуникациите се целосно невистинити.
Имено, согласно член 35, став (1) од Законот за Оперативно техничката агенција, опремата за следење на комуникации со кои располагала поранечната Управа за безбедност и контраразузнавање е предадена на Оперативно техничката агенција, на
ден 27.10.2018 година, за што е изготвен соодветен записник за примопредавање потпишан од директорите на УБК и Оперативно техничката агенција. Со наведениот записник, во согласност член 35, став (2) од истиот Закон, се предадени и
медијациските уреди, сопственост на телекомуникациските оператори, кои до тогаш се наоѓале во МВР односно УБК. Примопредавањето е вршено под надзор на Комисија во чиј состав, покрај другите имало претставници на Врховниот суд и
парламентарната комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите“, пишува во реакцијата на АНБ.
„Со тоа Агенцијата за национална безбедност не располага ниту со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на операторите. Исто така, Агенцијата нема техничка
можност самостојно и независно да активира и да врши следење на комуникации во мрежите на телекомуникациските оператори без посредство на Оперативно техничката агенција. Согласно член 2, став (1) од Законот за Оперативно техничката
агенција, оваа Агенција е самостоен државен орган кој што овозможува техничка поврзаност помеѓу операторите и органите овластени за следење на комуникациите.
Министерството за внатрешни работи има посебна служба за администрирање на пристапот зо следењето на комуникации заради кривични истраги. АНБ нема пристап до ваквата администрација, ниту може да има увид во тековните предмети на МВР“, велат од АНБ.
„Во изјавата на МВР – Чулев единствено вистинито е дека поранешната УБК од аспект на техничката опременост го имала монополот над користење на опремата за следење на комуникациите и таа монополска улога масовно ја злоупотребувала.
Тој период конечно е зад нас, но тоа веројатно е тешко сфатливо за МВР – Чулев кој во тоа време имаше раководна функција во Агенцијата за разузнавање, чии вработени исто така беа сериозно инволвирани во настани кои се денес предмет на актуелни судски постапки“, пишува во реакцијата.
Агенцијата за национална безбедност ја изразува својата подготвеност за спроведување на контрола и надзор од страна на правосудните и останатите надзорни тела.