Агенцијата за лекови ги гарантира безбедноста и квалитетот на сите лекови

Од:

Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД), како регулаторно тело, ја гарантира безбедноста, квалитетот и сигурноста на сите лекови во државата, преку подигнување на нивото на квалитет во процесот на производство и зајакнување на механизмот за контрола на лековите.

Ова денеска го истакна директорката на МАЛМЕД Марија Дарковска Серафимовска на одбележувањето на првата годишнина од трансформацијата на Бирото за лекови на РМ во Агенција за лекови и медицински средства на Република Македонија.

На прес-конференција во новите простории на Агенцијата, Дарковска Серафимовска рече дека изминатата година во МАЛМЕД се вработиле 15 лица, се изготвиле повеќе од 30 процедури со кои ги дефинирале активностите во сите сектори на Агенцијата и континуирано работат на доедукација на кадарот.

– Се посветивме на донесување нов Закон за лекови и медицински средства со цел да воспоставиме и развиеме ефикасна, транспарентна и независна Агенција за лекови и медицински средства, која пред се ќе биде во служба на здравјето на граѓаните. Во моментот во Република Македонија се регистрирани 3.726 лекови или повеќе од 2.600 генерики на лекови по јачина и форма – бројка, што е во тренд со останатите земји во регионот и Европа и ги покрива сите индикациски подрачја, посочи Дарковска Серафимовска.

Посочи дека во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување се погрижиле сите граѓани да имаат еднаков и полесен пристап до лековите во местото на живеење, што е имплементирано со проектот рурални аптеки и подвижни аптеки. Укажа дека во моментот на територијата на Република Македонија има 850 аптеки од кои 66 се рурални и пет подвижни.

– МАЛМЕД и натаму силно ќе продолжи да ги поддржува сите носители на одобренија во нивните напори за воведување нови лекови на пазарот во Македонија, рече Дарковска Серафимовска.

Таа ја промовираше и новата веб страница на Агенцијата, www.malmed.gov.mk, која е изработена по теркот на другите светски агенции за лекови и медицински средства.

– Веб страницата, покрај регистрите со лекови, медицински помагала, аптеки, дистрибутери и производители на лекови, првпат ќе дава преглед и на несаканите дејства на лековите како и новините во однос на безбедноста на лековите. Во рамки на своите редовни активности, од 1 септември Агенцијата отвори телефонска линија (5 112394) за граѓаните на која можат да се информираат за сите прашања во однос на лековите, додаде Дарковска Серафимовска.

Oдговарајќи на новинарско прашање рече дека континуирано ги регистрираат и следат несаканите дејства на лековите и тоа сега ќе биде објавено на сајтот на Агенцијата. Граѓаните, потенцира таа, на веб страницата ќе можат да поставуваат прашања, да се информираат за се што ги интересира во однос на лековите.

– Нема пријави на посериозни несакани дејства на лекови од она што редовно се пријавува како несакано дејство што е веќе опишано во внатрешното упатство на самиот лек кој е предмет на користење. Не постојат лекови каде што нема пријава на несакани дејства кои се очекувани, благи и не се рефлектираат на здравјето, рече Дарковска Серафимовска.

Нагласи дека најчести несакани дејства се алергиски реакции, зголемен притисок…

– Реагираме само на сериозни несакани дејства кои последнава година не се регистрирани. Нема никакво повлекување на регистрациски решенија, ниту на лекови од пазарот, додаде Дарковска Серафимовска.

Би можело да ве интересира

На почетокот на идната година ново проширување на позитивната листа лекови, најави Таравари

Tаравари: Деветте нови лекови на позитивната листа во аптеките ќе можат бесплатно да се земаат од 16 септември

Клековски: Од 16 септември функционална новата позитивна листа на лекови

Горан Наумовски

Мицкоски: Со новото проширувањето на позитивната листа на лекови ќе бидат заштедени милиони евра пари на граѓаните

Позитивната листата на лекови е дополнета благодарение на СДСМ, велат од партијата

Девет нови лекови на позитивната листа

Горан Наумовски