Агенцијата за електронски комуникации објави тендер на Бирото за јавни набавки со кои за сума од приближно 1,5 милиони денари или 24 илјади евра, без вклучен ДДВ, ќе купува репрезентативен материјал.
Роковници со пресувано лого, тефтери со спирала со црвена боја, книжни (бели и црвени)кеси со логото на АЕК, поло маички, чадори со логото на Агенцијата, елегантни папки со текстилна облога, помошни батерии за полнење, нотеси со елегантна корица со офсет-шамоа хартија со магнет и метална плочка за гравирање. Ова е само дел од наведеното во техничката спецификација за тендерот објавен на 7 март.
Агенцијата во тендерот бара и часовници за работна маса, керамички чаши за чај и кафе, слушалки, приврзоци, звучници Bluetooth, држачи за телефони, копчиња за кошула со логото на АЕК, елегантни ролер пенкала со циркони. Ранците треба да имаат антишок прегради во внатрешноста за преносен компјутер и таблет, отпорност за сечење и рефлектирачки траки, со приклучоци за мемориски уреди и слушалки. Треба да биде изработен од водоотпорен синтетилки материјал или микрофибер.
Во техничката документација е наведено дека еден тип од ролер-пенкалото треба да е со траг на пишување од 0,5 мм, со тач механизам, половина од пенкалото да биде со светкав столб од циркони, а половина да е транспарентно со испечатено лого на АЕК во две бои во гифт-футрола изработена од црн сомот.
Речиси во целата техничка документација пишува дека изгледот на материјалите треба да биде елегантен Количините се различни: oд 50 до 1000. Една од првите одлуки на новата Влада беа намалените трошоци за репрезентација на ексминистрите. Владата апелираше и за кратења на непродуктивните трошоци на институциите.
Лицето задолжено за јавната набавка во АЕК за „А1он“ рече дека освен за процедурата, не може да одговори како е утврдена потребата за набавката и количините наведени во техничката спецификација. Не пренасочи на друго лице. Испративме прашања до директорот на АЕК и очекуваме одговор.
Васко Маглешов