Адвокатот Боро Тасевски на седница пред Апелациониот суд, бранејќи ги клиентите и барајќи бомбите да не бидат доказ во постапката, рече дека прислушувањето било вршено во МВР. Тој рече дека Законот не признава креирање на докази, туку само прибавување.
Адвокатот Еленко Миланов пред судиите рече дека ним повеќе им одговарало бомбите да бидат доказ, ама не можел да оди спротивно на законите.
Обвинителот на СЈО, Љубомир Лапе на јавната седница во Апелациониот суд за жалбата на обвинителството по отфрлањето на бомбите како доказ од кривичниот суд, рече дека е изненаден од каде адвокатот Боро Тасевски знае кој и каде ги репродуцирал бомбите. Адвокатите рекоа дека ги прочитале транскриптите од бомбите.
Обвинителот Лапе ги праша адвокатите дали лешот е доказ во судење за убиство. Лапе рече дека во постапката освен бомбите има и други докази.
„Како ќе цените нешто ако не сте го чуле“, праша Лапе.
Тој ги праша адвокатите: „Нели прислушуваа странски служби со жолти комбиња?“, во предметот „Таргет“ – „Тврдина“ каде, како што рече, одбраната негира дека прислушувало УБК.
Апелација на денешната јавна седница расправа дали бомбите може да се користат како доказ во предметот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Вчера седницата се одложи поради службени обврски на претседателката на Апелацискиот суд, Лилјана Ивановска-Шопова.
Канческа – Милевска е обвинета во случајот „Тендери“ за злоупотреба на постапка за тендери
за изградба на Музејот на ВМРО. Освен Канческа-Милевска во „Тендери“ обвинети се и Лидија Лазарова-Цветковска и Јулијана Угриновска. На крајот на септември кривичниот совет, кој го оценува обвинителниот акт, чиј претседател е судијата Ивица Стефановски, го прифати предлогот на адвокатите на Елизабета Канческа-Милевска, бомбите што не беа јавно објавени да не бидат доказ во постапката. Апелација претходно одби да го преиначи решението на Основниот суд Скопје 1 и не им определи притвор на Канческа и Лазарова-Цветковска.
В.Маглешов