Моделот за екстерното тестирање треба да произлезе од заедничките состаноци, работните групи, контактите и од дебатите помеѓу засегнатите страни, истакна денеска министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми по отворањето на научната конференција „Општествениот живот на Албанците во Скопје и околината меѓу двете светски војни”.
– Министерството не сака да налага модел кој утре ќе биде оспорен од некој од засегнатите страни, особено од наставниците или учениците. Во овој период, иако имаме неколку размислувања околу екстерното оценување, не би сакале јавно да ги искажеме се додека немаме конечен став кој ќе произлезе од работните групи и од дебатите со сите засегнати страни. Во јануари матурантите ќе треба да влезат на испитите по екстерно оценување, а ние сме принудени и под притисок на време овој став да го имаме што е можно поскоро затоа што тој модел ако се промени би значело и нови прашања, нови комисии, нови постапки, истакна Адеми.
Појасни дека Министерството и сите засегнати групи дебатираат за тоа кој модел би бил подобар и кој модел би бил прифатлив и за учениците и за наставниците, но и за институциите кои треба да го спроведат, со цел пообјективни оценки во целиот процес.
На новинарско прашање за е-дневник, Адеми рече дека тие имале средба со СОНК на која заеднички констатирале дека е-дневник треба да функционира, а хартиениот дневник да се редуцира што е можно повеќе или во хартиениот дневник да се евидентираат само неопходните работи.
– Работиме, проектот е-дневник да функционира девет месеци или 12 месеци во текот на годината, меѓутоа има периоди кога тој процес е малку повеќе оптоварен од страна на наставниците и од страна на сите кои треба да исполнат работи во е-дневникот. Тоа е периодот во септември кога почнува учебната година и во јуни кога треба да се затвори како дневник, истакна Адеми.
Според него е-дневник во другиот период функционира беспрекорно, меѓутоа, како што рече, не секогаш може да функционира затоа што се работи за софтвер кој некогаш е повеќе оптоварен од колку што може да поддржи.
Доколку се констатира некаков пропуст од страна на софтверот, односно од тоа што не функционира во е-дневник, Адеми нагласи дека тогаш нема да има казни за наставниците кои се задолжени за внес на оценките во електронскиот дневник.
– Неколку пати сум кажал дека не секогаш работите во образование се поправаат или одат напред со казни. Ние секогаш сакаме да им излеземе во пресрет особено на наставниците и тие да не се претворат во административци, туку да бидат наставници во целиот процес, додаде Адеми.
На прашање за зголемен број ученици во некои паралелки Адеми рече дека Министерството секогаш излегува во пресрет на барањата за формирање нови паралелки.
– Кога училиштето и општината констатираат дека нова паралелка може да се покрие со актуелниот кадар тогаш нема потреба од ново вработување. Но, доколку констатираат дека формираната паралелка не може да функционира без ново вработување, тогаш ќе се обратиме до Министерството за финансии. Главно, до скоро за сите случаи добиваме позитивно мислење затоа што се оправдува новото финансирање, истакна Адеми.
Министерот упати апел до управите на училиштата и до сите институции кои се одговорни за овие работи да бидат поажурни и административните работи да ги завршат во почетокот на септември, а не во почеток на октомври кога веќе е почнат целиот образовен процес.