Работни групи ќе работат интензивно на концептот и текстот на законот во целина и заеднички ќе заклучиме дали има потреба за носење нов закон или само за измени и дополнувања на актуелниот закон. Со ректорот на УКИМ договоривме првата работна средба да биде во понеделник, изјави министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, кој ќе ја предводи работната група на Владата.
Работната група од Ректоратот на УКИМ ќе ја предводи ректорот Велимир Стојковски, а во нејзин состав ќе има претставници за кои ќе одлучи Ректоратот или Сенатот на Скопскиот универзитет.
– И понатаму стоиме на ставот дека мора нешто да се преземе во високото образование. Тоа е заедничка констатација и од состаноците што ги имавме со претставниците на универзитетите. Нема да се повлечеме од појаки критериуми за професорите, нема да се повлечеме од контролни механизми за проверка на знаењата на студентите. Дали тоа ќе биде државен испит, дали ќе биде некоја друга форма, меѓутоа мора да има правни механизми кои ќе ги проверуваат знаењата на студентите, изјави Адеми по конференцијата на УСАИД за е-пристапно образование.
По средбата со работна група на УКИМ, ќе следуваат средби и со претставници на други универзитети, вклучително и приватните.
– Сакаме да ги слушнеме сите и да ги вклучиме сите универзитети и студентите во креирање на политиките, но и во усогласување на конечниот текст на законот за високо образование, додаде Адеми.
Рече и дека е несфатлива реакцијата на студентите од Студентскиот пленум кои прогласија автономни зони на факултетите со барање целосно да се повлечат и најновите измени на законот, со кои е одложена примената на спорните одредби.
– Секако, имаат право да протестираат во различни форми, но во демократијата секогаш е дозволено да се реагира до моментот кога не се загрозуваат правата на некој друг. Во моментов, мислам дека се загрозуваат правата на други студенти кои не се дел од групата која протестира, затоа што тие сакаат да следат настава. Има реакции и од студенти и од родители. Од друга страна, целиот Универзитет е автономна зона, не може да биде само една училница или еден факултет, рече министерот за образование и наука.