Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, од денеска до 11-ти овој месец ќе учествува на Самитот за води, во Будимпешта, Унгарија.
Смитот е организиран од унгарската влада, во соработка со системот на Обединетите нации и Светскиот совет за води, и е еден од најголемите настани на годината поврзани со водите и нивното пречистување.
Цел на Самитот за води во Будимпешта е да се сумираат различните случувања во рамки на системот на ОН и надвор од него во поглед на подготовката на целите поврзани со водите за развојната агенда по Рио + 20.
Во текот на овие четири дена, владите (од развиените земји и од земјите во развој), меѓународните организации, финансиските институции, компаниите и граѓанското општество и науката ќе се соберат во Будимпешта со цел да дискутираат за најсериозните предизвици на водите и нивното пречистување.
Како составен дел на Самитот ќе биде организирана и изложба за води и пречистување, која ќе се фокусира на чисти, иновативни и достапни решенија на полето на водите и пречистувањето.