Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми денес учествуваше на панел дискусија во рамки на Меѓународната конференција “Дијаспора, дипломатија и развој” организирана од страна на Универзитетскиот колеџ Даблин, Институтот Клинтон.
Министерот Адеми во своето обраќање пред присутните на меѓународната конференција ја истакна важноста на улогата на дијаспората во дипломатијата, и дека и двете денес во време на глобални движења и динамични меѓународни односи, се предодредени да работат заедно во промоција на интересите на Република Македонија и нејзино позначајно позициоирање во меѓународните односи, преку активна јавна дипломатија.
Тој испрати порака дека иднината на соработката меѓу државите во различни области од заеднички интерес, особено во областа на дијаспората, покажува сериозност на нашите држави и дека кога има визија и добра волја сите активности даваат резултати во полза на нашите граѓани и дијаспората насекаде, каде и да се.
На Конференцијата разговараа како мобилноста и поврзувањето на дијаспората може да биде динамичен извор на иновации и креативност во многу области, обезбедувајќи свежо знаење и креативно водство кое може да обезбеди решенија за предизвиците на глобализацијата.
Воедно се истакна дека има постојан пораст на владини канцеларии и агенции кои ја ангажираат дијаспората на нивната нација, често како агенти за развој, коишто генерираат специфични политики и стратегии за ангажирање, и дека оваа активност ги проширува дипломатските капацитети и одговорности на националните држави во однос на нивните иселеници и нивните потомци.