А1 во потрага по чудовиштето во Преспа

Од:

Преспанското езеро е едно од најмистериозните во светот, иако не е доволно истражено раскажуваат жители на Преспа за А1. Во туристичката населба Претор се сретнавме со професорот по географија во пензија Симо Јоноски.

Тој беше нашиот домаќин со кој ја обиколивме речиси цела Преспа, стигнувајки се до границата со Грција. Во локалната продавница во Претор наместо за чудовишта се зборуваше за секојдневните проблеми. Кога ги прашавме дали виделе некакво чудовиште во езерото само се насмевнаа и ни рекоа да не одиме по умот на Грците. Ни кажаа оти никој никогаш па дури ни најстарите рибари немале средба со никакво чудовиште.

„Зад планината која се гледа одовде се наоѓа селото Нивици на грчката страна од езерото каде пред десеттина дена се појави информацијата за наводно присуство на некакво чудовиште кое било присутно во водите на Преспанското езеро. Кај Македонците во Преспа оваа информација предизвика големи реакции. А1 дојде во Преспа за да види што навистина има овде“.

Некој од преспанчани сметаат дека чудовиштето од сликата која се појави на BBC е можеби т.н џиновски сом кој живее во езерото, a кој достигнува тежина од 200 до 300 килограми или пак крап кој кога се мрести скока над водата.

„Не се сеќавам точно која година кога во Албанија кај Мал Град потона еден брод и се удавија повеќе деца. Тогаш разбрав дека нуркачите кои ги барале виделе големи сомови се исплашиле од нив и го прекинале истражувањето. Јас мислам дека можеби се работи за некој таков џиновски сом“,  вели чичко Симо Јоноски.

„Можно е на овој Свет се да има. Ова и за нас може да биде убаво. Крие ли Преспанско многу мистерии? Крие и тоа најмногу кај местото Казани накај Нивици“ рече Ристе Стевановски рибочувар.

Чичко Симо е првиот преспанчанец кој го има препливано езерото во 1970 година. Вели дека иако изгледа многу мирно преспанско всушност крие многу тајни.

„Понекогаш во Преспанско се случуваат работи кои не се случуваат на другите езера. Во 1976 година јас работев како наставник во Љубојно. Забележав во близина на границата со Грција се издигна еден огромен воден столб во форма на печурка. После 10-15 минути се спушти. Тоа се т.н сешови. Зимно време беше на овој дел имаше издигнување на неколку водени млазови“ вели чичко Симо Јоноски.

На преспанчани и на жителите на Долно Дупени каде што во моментов А1 се наоѓа, не им требаат никакви чудовишта за да развиваат туризам. Велат потребна е само добра инфраструктура, промоција на природните убавини и помош од државата.

„Мислам дека браќата од другата страна сакат да си направат промоција, да си помогнат, хотелот да им работи нон стоп. Нудистичката плажа што ја имаат таму изгледа им е замрена па сакаат да им работи повторно. Ни требаат ли чудовишта за да развиваме туризам? Не, само работа ни треба“, рече Љубе Темелковски жител на Дупени.

„Тоа е само политика на Грците. Измислуваат само нешто. Ние сме секој ден во езерото. Не ќе го видеше некој? Ако фрлија некое чудовиште, нека ги јади Грците рече“, Симе Тасески.

„Пред некој ден бевме на грчка страна , фрливме две три мрежи. Се појави ли чудовиште? Не не излезе ништо, баш гледавме но не видовме“, рече Ристе Ѓуроски од Долно Дупени.

Инаку во Нивици каде што се појави фотографијата која го обиколу светот, според кажувањата на рибарите Преспанското езеро е и најдлабоко. Достигнувало длабочина и повеќе од 100 метри. Можеби од тие длабочина каде што има големи количини на риба, излегла и некоја џиновска риба. Дали Преспанско ќе биде второто Лох Нес и со тоа да се надмине замирањето на туризмот во Преспа?

Мики Трајковски

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Го фрли крстот, па откако го верниците го фатија, влезе во езерото: Црногорски свештеник хит на социјалните мрежи

А1он

Серија земјотреси го тресат преспанскиот регион

А1он

Силен земјотрес ноќеска ги вознемири граѓаните на Преспа

Орце Костов

Во вештачкото езеро Глажња пронајдено телото на 29-годишниот локален жител

Четврти ден се трага по исчезнатиот во езерото Глажња

Поради реконструкција на дистрибутивната мрежа, Ресен и Преспа утре 10 часа без струја