Претседателот на СДСМ, Зоран Заев придружуван од генералниот секретар Оливер Спасовски, денес оствари средба со лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
На средбата се разговараше за соработката во рамки на широкиот демократски фронт и надминување на политичката криза преку одржување на фер и кредибилни избори во Македонија со исполнување на сите услови.
Претседателот Заев го изрази своето задоволство што повторно го гледа Бошкоски на слобода и напомена дека политички монтираните случаи мора да престанат.
„Вистината секогаш победува. Тоа треба да му е јасно на секој. Заедно со граѓаните им ставаме крај на политички монтираните случаи, реализирани преку партизираното судство. Оваа борба за правда и правичност е искрена и таа ќе вроди со плод. Во Македонија ќе се вратат правдата, слободата и демократијата.“ рече Заев.
На оваа заедничка средба се реафирмираше Платформата за демократска Македонија, која што беше дополнително потпишана од лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Широкиот демократски фронт зад којшто застанаа дваесетина партии и здруженија, преку Платформата за демократска Македонија, цврсто останува во одбрана на демократските принципи и ќе продолжи заеднички да делува за враќање на слободата, правдата и демократијата.
Криминалната врхушка на ВМРО ДПМНЕ го уништи секој демократски атом и институциите ги држи во заложништво. Само на фер и кредибилни избори може да се врати демократскиот амбиент во државата и да се создадат независни, кредибилни државни институции.
Бошковски, во името на Обединети за Македонија даде целосна поддршка на клучните чекори што мора да се исполнат. Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО, да прекине прогонот на демонстрантите и да се обезбеди целосно владеење на правото.
Заеднички беше заклучено дека фер и кредибилни избори се неопходни за земјава да се врати во нормален колосек и дека на фер избори ќе се случат демократски промени во Македонија, информираат од СДСМ.