Четворица кандидати за ректор одбија да одговорат како би ја заштитиле автономијата на Универзитетот

Од:

Од петмината присутни, четворица кандидати за ректори на УКИМ, одбија да одговорат, на како што рекоа, дневно политички прашања, кога на вечерашната дебата во организацја на Професорскиот пленум, беа прашани како би ја одбраниле автономијата на Универзитетот, односно дали би потпишале заеднички проглас, доколку во нивен мандат се случи влез на специјалци како вчера на Економскиот факултет.

Професорите Атанас Кочев, Александар Димитров, Елена Думова и Коле Василевски, пред почетокот на дебатата заеднички се договориле дека нема да прифатат да им се поставуваат дневно политички и лични прашања и доколку тоа се случи – ќе ја напуштат дебатата. Единствено професорот Ненад Новковски рече дека нема проблем да му се поставуваат секакви прашања. Од поканетите шестмина кандидати за ректор, на дебатата не дојде професорот Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет.

– Во однос на ова прашање, имаме заеднички договор дека нема да одговараме на дневно политички прашања заради тоа што ние сме во фаза на избор, а тоа може да се потолкува на секој начин, да се пласира во јавноста. Втор момент е што не сме овде сите заедно и не можеме да бидеме единствени, кога не сме сите кандидати заедно, бидејќи го нема шестиот кандидат и во тој контекст, не одговараме ниту со да, ниту со да. И уште една работа – прво да обезбедите изјава од вашиот декан, рече професорот Димитров од името на четворица кандидати.

Професорот Новковски не се согласи со ова и рече дека би се спротивставил на таква акција каква шт се случи вчера на Економскиот факултет.

– Жестоко, а не апстрактно би реагирал на таква работа каква што вчера се случи,  или пак како во случајот со сечењето на дрвјата на УКИМ и така би постапил затоа што имам интегритет, а не како што е сегашниов универзитетски менаџмент, рече Новковски

Студентите кои беа присутни на дебатата на Земјоделскиот факултет порачаа дека легитимниот избор на новиот ректор е доведен во опасност, бидејќи 10- те сенатори од редовите на студентите кои ќе гласаат за нов ректор не се легитимни, на претседателот Кирил Спировски на Студентскиот парламент, мандатот му истекол уште во 2014 година, а не им се познати ниту имињата на студентите сенатори.

На ова,  кандидатите за ректор рекоа дека не би сакале да бидат избрани од нелегтимни гласачи и би се откажале д трката доколку се докаже има неправилности во процедурата.

Кандидатите ги претставија своите програми за идниот развој на Универзитетот и сите се изјаснија за поголема финансиска автономија. Едногласни беа и во оценката на Законот за високо образование и кажаа дека тој треба да се стави во мирување и итно да се менува со поголемо учество на професорите и студентите.

– Ако не успееме во тоа,  тогаш не ни преостанува ништо друго освен сите да излеземе на улица, рече професорката Думова.

Сите кандидати рекоа дека средствата што државата ги издвојува за образованието и за развој на науката се мали и изложија различни начини како да се подобри финансиската состојба на УКИМ.

 

А.Б.

 

 

 

Би можело да ве интересира

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Упис на УКИМ на 29 и 30 август, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Предраг Петровиќ

На УКИМ слободни 9.921 места за упис во прва година во 2024/2025

Горан Наумовски

УКИМ повторно рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот