Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, годинава ја одбележува 25-годишнината од работата во Македонија. Во рамките на изминатиот четвртина век, УСАИД во партнерство со македонските граѓани, институции, здруженија и организации, посвети значително внимание и обезбеди поддршка за да го подобри квалитетот на живот во нашата земја низ различни проекти, допирајќи до речиси сите сегменти од општественото живеење.
Преку еден од проектите коj започна од едноставна идеја – да се исчисти отпадот од пластична амбалажа, која заради широката употреба ја затрупуваше и згадуваше природата – се поставија темелите на една сосема, дотогаш непостоечка индустрија: селектирање и рециклирање на отпад од пластика.
До почетокот на 2005 година, се рециклираше само отпад од метал и хартија во мали количини, а главната причина поради која не се рециклираше пластиката беше фактот дека всушност нема кој истата да ја откупува. Во 2006 година, УСАИД во соработка со своите партнери го воведе концептот за рециклирање на пластика во Македонија, кој пак консекутивно го поттикна собирањето и сортирањето на отпад од пластика на повеќе собирни пунктови низ целата земја. Со ова, се поттикна перцепцијата дека пластиката не е само отпад, туку и суровина која може да се извезува и користи во различни индустрии.
Така, се поставија темелите на една сосема нова индустрија и настапи нова ера во поглед на подигање на општествената свест за заштита на животната средина преку систематично адресирање на проблемот.
Процесот започна со поддршката на неколку странски и домашни компании кои почнаа да работат со рециклирање на пластичниот отпад со цел да создадат стабилен систем за набавување на суровини, т.е. отпад од пластика.
Овие компании воведоа технологија со која го рециклираа отпадот од пластика во гранули од пластика, кои понатаму се извезуваа како суров материјал од кој се правеа разни нови производи. Паралелно со тоа, УСАИД спроведуваше активности за подигање на свеста на населението за рециклирање уште од најрана возраст, преку едукативни каравани во основните училишта низ Републиката.
Преку програмата за вклучување на уличните собирачи во формалниот систем на собирање на отпад, беа организирани обуки за правилно сортирање на пластиката, а за собирачите беа обезбедени специјално направени трицикли за собирање пластични шишиња. Така, проектот придонесе за создавање на дополнителни приходи за 3 до 5 илјади лица од социјално ранливите категории, и зголемување на собраната ПЕТ амбалажи од 350 тони во 2005 година, до 6,000 тони во 2009 година.
Во истиот период, преку овој проект УСАИД помогна во подготовка на Законот за пакување и третман на амбалажен отпад како обврска на производителот, а беше создадена и Асоцијацијата за рециклирање на пластика – ПЕТРА.
Во подоцнежната фаза, УСАИД во партнерство со локалната власт во неколку општини, помогна да се создаде целата инфраструктура и логистика за рециклирање на отпад од пластика преку набавка на сини метални улични контејнери за пластична амбалажа, назначување собирни пунктови и работа со јавните комунални претпријатија, кои понатаму дирекно и континуирано ќе комуницираат со населението за да ја одржат практиката за одвојување на пластиката од останатиот отпад.