Најмладиот пациент, заразен со Ковид – 19, кој бил ставен на респиратор во земјава имал 23 години. Министерот за здравство Венко Филипче, на денешното прифаќање на донацијата од 100 респиратори од Норвешка, рече дека најмладиот пациенти кој бил ставен на респираторна поддршка кај нас починал, а процентот на преживеани е под 10.
„Некаде за жал под 10 проценти од вкупниот број пациенти кои што беа поставени на инвазивна вентилација, преживеале. Тоа е една метода која се користи како последна метода за да се направи обид да се спаси животот. Во огромен број случаи, тогаш кога пациентите се поставуваат на механичка вентилација, не само кај нас ова е генерално правило, исходот е лош по пациентот. Тоа е карактеристика на болеста, не станува збор за пореметување на самото белодробје туку за жал тромбоза на најмалите крвни садови кои што го хранат белодробјето и поради тоа таа крајна фаза, во најголем број случаи завршува со лош исход по пациентите. На хируршките клиники има 8 пациенти поставени на механичка вентилација, а немам податок за ’8 Септември’, ќе го имам до крајот. На респиратор се поставуваат и млади лица. Сега најмладиот е 40 – годишник, а најмладиот од сите пациенти досега кој бил поставен на респиратор имаше 23 години и заврши лошо“, рече министерот Филипче.
Донираните 100 респиратори од Норвешка, министерот Филипче објасни дека веднаш може да бидат ставени во употреба. Од почетокот на кризата обезбедени се дополнителни 800 болнички кревети со нов, централен довод на кислород.
Од почетокот на пандемијата до вчера во Македонија се регистрирани 4742 смртни случаи.