Општина Центар многу наскоро ќе започне со изградба на првата детска градинка во населба Пролет, на вкупна бруто површина од 3276 метри квадратни, со што ќе биде една од најголемите детски градинки во државата.
„За таа цел, во наредните денови ЈП „Паркови и зеленило“ по налог на општината ќе отстрани 4 дрва (2 копривки, липа и софора), со кои ќе се ослободи простор и ќе се овозможи изградба на градинката. Дополнително, со помош на специјална механизација, ќе бидат пресадени уште 4 јасени во парцелата на која ќе се гради градинката.
На местото на отстранетите дрва, Општина Центар ќе засади нови 20 високо калемени садници од видот Јавор (Acer campestre) и друг вид на средно и ниско зеленило кое на просторот околу објектот на градинката ќе му даде нова свежина и нов лик“, известуваат од Општината.
„По завршувањето на градежните активности поврзани со новата градинка, ќе се добие зелена површина на околу 2000 метри квадратни, со што општината ќе заштити животната средина, а овој простор ќе стане ново зелено катче во населбата Пролет.
Детската градинка, која наскоро ќе започне со изведба, е првата целосно нова градинка која ќе се гради во Општина Центар по повеќе од 50 години, прва воопшто во населбата Пролет, а децата од оваа населба ќе добијат нов, современ и квалитетен објект за престој, забава и другарување“, соопшти Општина Центар.