Со 18 настани во 13 градови низ државата, бесплатно достапни за граѓаните, била реализирана програмата за одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија, информираше владината портпаролка Марија Митева, презентирајќи извештај од над 80 страници за реализацијата на проектот.
Вкупната вредност на програмата изнесува 340.509.749 денари. Од нив, Државна лотарија покрила 300 милиони денари, додека остатокот бил кофинансиран од агенцијата „Стардаст“, задолжена за реализацијата на проектот.
Според извештајот, за хонорари на 67 артисти и изведувачи биле издвоени 129,3 милиони денари, за продукциски трошоци 96,2 милиони денари, за логистика 58,5 милиони денари, за маркетинг 2,8 милиони денари, а за хонорари на соработници 53,5 милиони денари, во кои биле опфатени 21 компанија ангажирана за логистика на терен.
Митева истакна дека целта била да се реализира сеопфатна национална програма со високи уметнички и продукциски стандарди, во која централно место ќе имаат македонските уметници, заедно со настапи на светски познати музички имиња. Таа нагласи дека јавноста заслужува увид во реализираните активности, програмскиот концепт, културната вредност и распределбата на финансиските средства.
Главен дел од програмата бил музичко-сценскиот караван „Силно светнал ден“, реализиран во 11 градови, со учество на 41 македонски вокален изведувач, 20 танчери и актери и оркестар од 15 музичари, во копродукција со „ОХО продукција“.
На 1 септември се одржал концертот „Хозе Карерас и Македонија Ол Старс“, на кој светски познатиот тенор настапил со 10 македонски изведувачи и Македонската филхармонија, под диригентство на Давид Хименес. Програмата опфатила и три концерти во Струмица, Скопје и Тетово, со настапи на македонски изведувачи, меѓу кои „Синтезис“, „Меморија“, „Суперхикс“, Слаткаристика, 2Бона, „Фанк Шуи“, Дина Јашари, Каролина Гочева и „Елита 5“.
Во меѓународниот сегмент биле реализирани настапи на Пол Ван Дајк и Стив Аоки во Охрид, како и централниот концерт на Дејвид Гета на 8 септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Според извештајот, концертот го следеле околу 50.000 посетители. За заштита на тревната површина на стадионот бил поставен специјализиран систем од тешкотоварни заштитни панели.
Генералниот директор на Државна лотарија, Александар Климовски, на заедничката прес-конференција изјави дека институцијата ги нема, ниту има право да ги поседува поединечните договори меѓу „Стардаст“ и артистите и изведувачите ангажирани за програмата.
„Тоа се договори склучени меѓу оној што го добил спонзорството, ‘Стардаст’, со сите други: артисти, изведувачи, компании кои го организираа овој настан. Тоа се нивни меѓусебни облигациски односи врз основа на комерцијални договори, кои имаат одреден степен на доверливост“, рече Климовски.
Тој појасни дека станува збор за интерни договори меѓу компанијата и изведувачите, вклучително и договорите со Дејвид Гета и другите уметници, додека вкупните суми се прикажани во извештајот и поминале низ системот на Управата за јавни приходи.
Климовски нагласи дека не е спорно Државниот завод за ревизија да ја провери реализацијата и начинот на кој биле потрошени 340,5 милиони денари. Тој рече дека Државна лотарија може повторно да биде ставена во планот за ревизија, додавајќи дека исплатата кон „Стардаст“ била извршена по склучувањето на договорот за спонзорство.
Според него, за реализацијата на програмата била доставена една понуда, која уште истиот ден ја разгледале надлежен тим и стручна комисија. Климовски посочи дека редоследот бил прво склучување и архивирање на договорот, а потоа исплата на средствата. На новинарските прашања за точниот датум на исплатата рече дека дополнително ќе ги достави податоците од прес-службата.
Осврнувајќи се на концертот на Дејвид Гета, Климовски рече дека станувало збор за таканаречено „Монолит шоу“, стадионски аудиовизуелен спектакл за кој бил ангажиран тим од околу 50 луѓе. Според него, ваквиот формат значително се разликува од вообичаен настап на диџеј.
На прашањата за нераспределената дивиденда и недостигот од 80 милиони денари од сметката на Државна лотарија, Климовски рече дека случајот бил утврден од Државниот завод за ревизија во 2024 година, по што била алармирана Финансиската полиција. Тој најави проверки и за работењето во 2023 година, а посочи дека може да се проверат и податоците за 2022 година.
Климовски рече дека по стапувањето на функцијата генерален директор побарал проверка на работењето на институцијата поради обемниот материјал за контрола и дека по добиените укажувања за можни неправилности веднаш била известена Финансиската полиција.
