Нетанјаху: Силно удривме по фабриките на смртта во Иран

Од:

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел „силно ги погоди иранските фабрики на смртта“ за време на воздушните напади врз Иран во саботата.

– Силно ги оштетивме одбранбените системи на Иран и нивната способност за извоз на ракети. Не нападнавме обични машини или фабрики. Тоа се индустриски фабрики на смртта и ние силно ги погодивме – изјави Нетанјаху пред израелскиот парламент, објави „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху ги отфрли тврдењата дека Белата куќа го убедила да го намали одговорот на Израел на иранскиот балистички ракетен напад на 1 октомври, нагласувајќи дека Израелците „сами носат одлуки според нивните интереси и размислувања“.

Тој рече дека стратегијата на Израел против Иран и неговите сојузници е јасна.

– Нашата долгорочна стратегија е да ја разбиеме оската на злото, да им ги отсечеме пипците на југ и на север, да бараме висока цена за Иран и неговите сојузници и да го спречиме Иран да поседува нуклеарно оружје – посочи Нетанјаху.

Израел, додава тој, е „единствената пречка што го спречува Иран да го контролира Блискиот Исток и да му се заканува на остатокот од светот“.

– Фанатичната оска на злото предводена од Иран се заканува да ја уништи нашата земја и да зароби други земји во својата мрежа, заканувајќи му се пред се на Западот. Иран работи на залихи нуклеарни бомби и ќе може да му се заканува на целиот свет кога ќе посака – истакна тој.

Нетанјаху смета и дека Техеран размислува дека „ако падне Израел, целиот Блиски Исток ќе падне во негови раце“.

– Но, нема да паднеме. Ќе победиме и целиот свет ќе биде подобро место – заклучи Нетанјаху.

Би можело да ве интересира

Израелските воздухопловни сили нападнаа зграда во предградие на Бејрут

Кац: Без мир во северните погранични градови на Израел, нема да има мир во Бејрут

Ракети од Либан се истрелани кон Израел

Галант го повикува Израел да му даде приоритет на враќањето на заложниците

Хамас: Подготвени сме за сериозни преговори за ставање крај на војната во Газа

Убиен командант на Хезболах во напад на југот на Либан