Нема крај на броењето колку пријатели, баџанаци, ученици и познаници на министерот Горан Милевки добиле државна работа или ангажман на проекти платени од неговото министерство. За Милевски тоа што сите познаници, пријатели, ги поставил на партиски функции, притоа обезбедувајќи им солидна заработувачка од ангажмани на проекти немало непотизам.
Откако пред пет дена „А1он“ објави десетина случаи за тоа како баџанаци, ученици и другари на министерот за локална самоуправа и лидер на ЛДП, Горан Милевски и неговиот баџанак Андреј Јосифовски, успеале да се вработат на државно и биле ангажирани на проекти во министерството со кое тој раководи, истражувањето не доведе до нови лица.
Меѓу новите во шемата на непотизам блиски до министерот Горан Милевски е и лицето Јане Петковски, кој е другар на баџанакот на Милевски. Тој е актуелен советник во Советот на Кисела вода, а е ангажиран со договор во „Национални шуми“.
Меѓу многубројните примери од другари, ученици, сопартијци кои биле ангажирани на проекти во Министерството за локална самоуправа беше случајот и со Теодора Димитровска, најмладиот заеднички кандидат за градоначалник на Куманово на ЛДП и ДОМ на последните локални избори. За нејзиниот ангажман на швајцарски проект и биле исплатени 495 476 денари. Нејзините другарки, Марина Стојмановска и Ема Тошевска, исто така, се ангажирани во Министерството на Милевски.
„А1он“ веќе пишуваше дека постојат и други ангажирани во институцијата, но, кои се склучени преку агенција со авторски договори. За нив не е спроведен јавен оглас, туку институцијата само побарала заинтересираните кандидати да достават понуди, за кои самиот министер Горан Милевски одлучувал кого ќе го избере. Во таа група спаѓаат и Баже Ѓорѓиевски и Горан Пинза. За Пинза, локалните битолски медиуми пишуваа дека од 5 мај е избран за нов претседател на општинската организација на ЛДП во Битола.
Во оваа група на оние кои добиваат прилично високи хонорари, како што претходно објавивме, се и Александар Мишев, новиот претседател на Општинската организација на ЛДП во Центар, Бисера Јакимовска, поранешна раководителка на сектор за урбанизам кај Андреј Жерновски во општина Центар, Филип Димитровски, ученик на Милевски и други.
„А1он“ уште во петокот официјално побара став од Либерално демократската партија за вработувањата и ангажманите поврзани со Милевски и дали е познато во партијата како функционира овој систем на високи исплати. Од партијата која се прокламира за транспарентна и либерална молк – оние што треба да ги дадат одговорите се на такви функции во партијата и се дел од ангажираните од Милевски.
Приказната продолжува.