(ВИДЕО) Надоместоци тешки 125 000 евра за блиски луѓе и сопартијци на екс министерот Горан Милевски

Од:

Над 125 илјади евра тежат надоместоците за само пет блиски лица и сопартијци кои екс министерот Горан Милевски ги ангажирал во негово време во Министерството за локална самоуправа за два швајцарски проекти. Исплатите се однесуваат од август 2019 до крајот на октомври 2022 година, односно за период од три години и три месеци.

Најмногу пари се исплатени на Бисера Јакимовска, во јавноста позната како поранешна раководителка на секторот за урбанизам во општина Центар, во времето кога со неа раководеше градоначалникот од ЛДП, Андреј Жерновски. Ангажирана е и во двата проекти. Во првиот, Јакимовска е координатор на административни и проектни активности. Нејзиниот ангажман датира од август 2019-та година, само два месеци подоцна откако Милевски станува министер за локална самоуправа. Во Проектот за одржлив и инклузивен регионален развој фаза 1 (2017-2021 година), имала хонорар од 85 864 денари. Во втората фаза од истиот проект (2021-2025 година), станува тим лидер на проектот за речиси двојно поголем хонорар кој изнесува 150 470 денари. За нејзиниот ангажман досега исплатени и се 3 907 634 денари или 63 538 евра.

На двата проекти бил ангажиран и Филип Димитровски, кој е ученик на Горан Милевски. Во првиот проект е ангажиран како дипломиран економист на четири месеци за хонорар од 49 543 денари. Во втората фаза од проектот, пак, станува координатор за мониторинг и евалуација за речиси дупло поголема сума од 81 821 денари. Вкупно за 15 месеци, исплатени му се 1 098 225 денари или 17 857 евра.

Ангажман, но само за втората фаза од проектот има и Александар Мишев, претседател на Општинската организација на ЛДП во Центар. За периодот од ноември 2021 година до сега, во улога на експерт за јавни набавки и правен експерт на проектот, му се исплатени 981 852 денари или 15 965 евра.

На листата се наоѓа и најмладата кандидатка за градоначалник на претходните локални избори за Куманово од ЛДП, Теодора Димитровска. Таа е проектен асистент на проектот за надоместок од 53 227 денари од ноември 2021 година. Вкупниот надоместок за ангажманот изнесува 585 497 денари или 9 520 евра.

И поранешниот претседател на ЛДП и екс министер министер за труд и социјала и одбрана, Јован Манасијевски се појавува како дел од проектот како лидер на компонентата два. За оваа позиција, тој добива надоместок од 116 илјади денари и за период од 10 месеци му се исплатени 1 168 460 денари или 19 000 евра. Од неодамна, Манасијевски е назначен за нов македонски амбасадор во Анкара, Турција.

Овие податоци за имињата и сумите на ангажманите, „А1он“ ги доби официјално од Министерството за локална самоуправа преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од министерството наведуваат дека надоместоците на проектниот тим се определени споредбено со висината на надоместоците во меѓународните проекти кои се спроведуваат во државата. Додека пак буџетот, го одобрува Управен Комитет на проектот во кој членуваат швајцарската амбасадорка, министерот за локална самоуправа и заменикот министер за финансии.

Вработувањата во локална самоуправа ги испитуваше и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Вицепремиерката во два наврати побара документација за ангажманите. Првиот пат кажа дека Милевски доставил документација во која недостигало одговор за постапката на кој начин биле ангажирани луѓето блиски до него. По вториот пат, пак, откако и била доставена целата документација, од кабинетот на Грковска велат дека ангажманот на луѓето блиски до Милевски се направени во законска процедура и со одобрување на донаторот.

Неполн месец по истражувањата на „А1он“, за ангажманите на негови блиски луѓе и сопартијци во Министерството за локална самоуправа и други институции, Горан Милевски поднесе оставка и од министерската функција, но, и од претседателското место во партијата. Милевски ќе биде награден со амбасадорско место во Словенија.

Би можело да ве интересира

Милевски му ја предаде функцијата на Пенов

Оставката на Милевски стигна кај пратениците

Пенов за министерското место: Се е во игра, но не можам да давам изјави

Кристијан Ландов

Горан Милевски поднесе оставка до Владата

Катерина Ѓуровски

Вицепремиерката Грковска ќе ги испитува исплатите на проекти во министерството на Милевски

Петар Клинчарски

ВИДЕО: Нови имиња – сè поголема листата на вдомени од министерот Милевски

Петар Клинчарски