(ВИДЕО)„А1он“ објави, Ковачевски се повлече од здружението и компанијата кои не ги пријавил, Антикорупциска се’ уште истражува

Од:

Уште на 7 ноември „А1он“ објави дека Ковачевски се појавува како еден од неколкуте сопственици на здружението „Протинк“, кое пак, е сопственик на Друштвото за проектирање, инженеринг, консалтинг и трговија „Група Југ ДООЕЛ Скопје“, формирано во јуни 2021 година.

Само три дена по објавата на „А1он“, премиерот Димитар Ковачевски се повлекол од сопственичката структура на „Протинк“ и „Група Југ“, здружение и компанија, чие сопствеништво претходно воопшто ги немаше пријавено во Антикорупциска комисија.

Освен премиерот, сопственоста во „Протинк“ и во „Група Југ“ ја напушти и професорката на Филозофскиот факултет, Наташа Богоевска. Во моментот, како единствен нивен сопственик останува професорот на Архитектонскиот факултет и првиот претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Страхиња Трпевски. Овластено лице и претходно и сега е лицето Горан Бошков.

Премиерот Ковачевски во неколку наврати нагласуваше дека целиот имот што го поседува уредно и чесно го пријавил во Антикорупциска, иако ниту здружението, ниту компанијата не фигурираа на неговиот анкетен лист. „А1он“ испрати прашања до Владата, адресирани лично до премиерот – зошто не ги пријавил здружението и компанијата и кои му биле плановите со нив? Одговори не добивме.

За потсетување, Институтот за истражување и развој „Протинк“ од Скопје е здружение кое е непознато во јавноста. На нивниот сајт пишуваше дека визијата и мисијата е да бидат фактор на општествен развој и преку проекти да дадат поголем придонес во нов општествен напредок на Македонија. Велиме пишуваше, затоа што нивната веб – страница повеќе не е функционална во интернет просторот.

Наодите што во тој момент ги откри „А1он“, ги пријави и до претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска. Институцијата до тој момент, немаше сознанија за овој имот на Ковачевски.

„Доколку се потврди ваквото укажување ние секако ќе го провериме и ви благодарам на информацијата што ја споделувате со нас. Доколку се потврди, ние од наша страна ќе го обелодениме и да кажеме дека ќе сноси прекршочна одговорност, ќе му издадеме прекршочен платен налог и ќе го доставиме до институции кои имаат истражни центри и можат подлабоко да навлезат ако сметаат дека тука има некаков ризик“, рече претходно Ивановска во интервју за „А1он“.

Од тогаш па до сега, поминаа повеќе од два месеци. „А1он“ во неколку наврати се обидуваше да добие одговори од Антикорупциска до каде е постапката. Последен пат се обративме на 16 декември, а одговори добивме во средината на јануари.

„По поднесена пријава оформен е предмет против истото лице за утврдување можен судир на интереси или прекршување на забраните предвидени со одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во наведениот случај. Постапувањето по предметот е во тек, се прибираат податоци и информации за утврдување на фактичката состојба. По утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, ќе биде донесена одлука на ДКСК  на јавна седница“, одговорија од ДКСК.

„А1он“ праша, но, од Антикорупциска не одговорија што точно се уште се истражува. Увидот во сопственичката структура и а подоцна во историјатот на промени во здружението и компанија, откако Ковачевски се повлече, како редакција го направивме во само два дена преку алатката за слободен пристап до информации доставена до Централниот регистар. Проверката на Антикорупционерите веројатно треба да биде и полесна, ако се има во предвид дека може да ги побараат документите и по службена должност со цел за спроведувањето на нејзините законски надлежности, во делот на следењето на имотната состојба на функционерите.

„А1он“ ги анализираше и одлуките на антикорупционерите кои ги носат на седниците, кои во принцип, се одржуваат генерално еднаш, најмногу до два пати месечно. Праксата покажува дека од пријавата до Антикорупциска или нивното постапување по сопствена иницијатива, поминуваат најмалку три месеци, а некогаш и двојно повеќе.

Од ДКСК велат дека времетраењето за работа по предмети зависи и од содржината и тежината на предметот, но и од човечките ресурси во институцијата и соработката со другите институциите, кои треба да се зајакнат.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Ковачевски: Македонија заслужува европска иднина, нема откажување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Ковачевски: Си ги знаеме грешките, пред граѓаните е изборот за европска иднина на државата

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Ковачевски: СДСМ со граѓанското општество направи многу исчекори, заеднички ќе ја исполниме и целта за членство во ЕУ

Орце Костов

(ВИДЕО) Ковачевски: ЕУ не беше фер, но нема откажување од европската иднина

Катерина Ѓуровски

Ковачевски: Со влез во ЕУ, просечната плата од 1300 евра и 800 евра минимална плата

Катерина Ѓуровски