(ВИДЕО) „А1он“ открива – премиерот Ковачевски не пријавил сопствеништво во здружение кое поседува компанија

Од:

„За информации за активностите коишто сум ги имал во животот можете да отидете на мојот профил на ‘Линктин’ и точно ќе видите каде сум работел, од која година сум работел, до која година сум работел, која фирма сум основал, каква улога сум имал во таа фирма и кога сум излегол од таа фирма“.

„Jас сум човек којшто пријавил чесно во анкетниот лист сè што поседува, а мојата биографија е комплетно достапна и во Собранието кога ме бираат за заменик-министер за финансии и за претседател на влада“.

„Секој функционер е должен сето она што го има стекнато во својот живот да го пријави во својот анкетен лист, како што јас сум го направил тоа“.

„Сите оние што не го направиле тоа во законскиот рок треба да бидат санкционирани согласно со законот и согласно со процедурите и законите врз основа на коишто работи ДКСК“.

Ова се хронолошки изјавите во низа на премиерот Ковачевски, дадени во контекст на случајот за неговата поранешна компанија „Пиксел груп“ во која беше косопственик со неговиот кум Горан Паунов.

По укажувањето на премиерот Ковачевски, „А1он“ ја разгледа неговата работна биографија на социјалната мрежа „Линктин“ и страницата на Влада. Официјални информации за работниот век на Ковачевски постојат и на други компании каде своевремено бил дел од нив, како на пример Универзитетот Американ колеџ, каде што е објавено и неговото сиви.

Во последните негови работни позиции пред да стане заменик-министер за финансии, покрај коосновач на „Пиксел груп“, пишува и дека тој е член на управниот одбор на Институтот за истражување и развој „Протинк“ од Скопје, здружение кое е непознато во јавноста.

Како што пишува на нивниот сајт, визијата и мисијата на „Протинк“ е да биде фактор за општествен развој преку проекти кои ќе дадат поголем придонес во нов општествен напредок на земјата. Како членови на Управниот одбор се наведени пет професори – доктори на науки, но не и Ковачевски. Во потрагата да дознаеме повеќе информации за „Протинк“ подетални информации побаравме и во Централниот регистар.

Во овие документи името на Димитар Ковачевски се појавува како еден од сопствениците, заедно со професорката на Филозофскиот факултет Наташа Богоевска и Страхиња Трпевски, професор на Архитектонскиот факултет и прв претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Како овластено лице е запишано името на Горан Бошков.

Здружението „Протинк“ пред речиси година и половина основа и нов правен субјект Друштво за проектирање, инженеринг, консалтинг и трговија „Група југ“ ДООЕЛ Скопје. Како негов 100-процентен сопственик се појавува Институтот „Протинк“, а како управител на компанијата повторно е заведено лицето Горан Бошков.

Но, ниту здружението ниту компанијата не фигурираат во анкетниот лист пријавен од Ковачевски до Антикорупциска. А оваа институција веќе го проверува имотот на Ковачевски – дали поседува каков било дополнителен имот што не го пријавил. За откритијата на „А1он“, во Антикорупциска немаа никакви сознанија.

„Доколку се потврди ваквото укажување ние секако ќе го провериме и ви благодарам на информацијата што ја споделувате со нас. Доколку се потврди, ние од наша страна ќе го обелодениме и да кажеме дека ќе сноси прекршочна одговорност, ќе му издадеме прекршочен платен налог и ќе го доставиме до институции кои имаат истражни центри и можат подлабоко да навлезат ако сметаат дека тука има некаков ризик“, вели Ивановска.

„А1он“ ги провери и адресите на кои се регистрирани здружението и компанијата. Седиштето на Институтот „Протинк“ се наоѓа во зграда во строгиот центар на градот, зад Стопанска комора, во стан сопственост на лицето Горан Бошков. Заѕвонивме, но никој не ни отвори.

Ја посетивме и улицата „1616“, која се наоѓа во новиот развиен кварт во скопската населба Аеродром. Токму на оваа улица е регистрирано и седиштето на компанијата „Група југ“. Во потрага по компанијата, „А1он“ заѕвони на еден од домофоните, но ниту овде никој не ни отвори. Според имотниот лист во Агенцијата за катастар, објектот е во сопственост на Тони и Милица Чокузовски.

Според информации на „А1он“, Тони Чокузовски е вработен во општина Аеродром уште од времето на градоначалникот Ивица Коневски како раководител на одделението за инспекциски работи.

Уште пред две недели „А1он“ официјално се обрати до Владата, барајќи интервју со премиерот Ковачевски на две теми – за истражувањата поврзани со компанијата на неговиот кум во која претходно беа партнери „Пиксел груп“ и во однос на пријавениот анкетен лист до ДКСК. Но, молкот е единствениот одговор што го добивме.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Ковачевски: Македонија заслужува европска иднина, нема откажување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Ковачевски: Си ги знаеме грешките, пред граѓаните е изборот за европска иднина на државата

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Ковачевски: СДСМ со граѓанското општество направи многу исчекори, заеднички ќе ја исполниме и целта за членство во ЕУ

Орце Костов

(ВИДЕО) Ковачевски: ЕУ не беше фер, но нема откажување од европската иднина

Катерина Ѓуровски

Ковачевски: Со влез во ЕУ, просечната плата од 1300 евра и 800 евра минимална плата

Катерина Ѓуровски