ВИДЕО: Претседателот на Кинолошки сојуз сечел уши и опашки на кучиња, дома, на масичка за излет

Од:

Претседателот на Кинолошкиот сојуз на Македонија, Јордан Христовски, во домашни услови, на масичка за излет сечел уши и опашки на кучиња, дознава „А1он“. Иако Законот за заштита и благосостојба на животните забранува скратување на опашки и потсекување на ушите и иако не е ветеринар по професија, Христовски на барање на сопствениците, од естетски причини ги оперирал кучињата и наплаќал за услугата, сведочат корисници на услугите што ги нудел.

„Тој практично ја искористи позицијата како претседател на клубот ‘Доберман’, а сега и на Кинолошкиот сојуз, и не само со мене, сигурно успеа да убеди и други дека е дозволено и дека може да го врши ваквото дејство. Она што таму се случува е ужасно. Се сечат уши, опашки и воопшто не се води сметка за здравјето на кучињата. Условите се страшни. Во домашни услови, надвор, на тераса, на масичка за излет се поставува мушама, му се става инјекција на кучето и е се преминува кон сечење. Шиење, сечење, има луѓе што чекаат, има луѓе коишто ги оставаат кучињата. Како што имаме сознанија, се случило и да умре куче поради анестезијата, но неговото објаснување секогаш е дека кучето имало проблем, било со слабо срце па затоа не издржало. Не знам како тоа го решава со сопствениците, мене, за среќа, не ми се случи тоа“, вели Зоран Ивановски, кој  однел куче на интервенција кај Христовски.

Кинолозите велат дека Христовски се занимавал со сечење уши и опашки на кучиња уште во периодот пред законски да се забрани, но продолжил и по законската забрана, која се случила пред три години. Се жалат дека Христовски не престанал со сечењето ниту откако бил избран за претседател на Кинолошкиот сојуз на Македонија, што било причина единаесет кинолошки друштва да се организираат и во август годинава го пријавиле случајот во Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Ова е јавна тајна, цела Македонија, цела Србија, цела Бугарија знае дека Јордан сече уши. Дома, во шупа, зад куќата во Чаир. Тој инаку не е ветеринар, тој е надрилекар. Го прави ова за свои сопствени потреби, за да се стекне со имотно-правна корист, со пари. Законот за благосостојба е донесен пред три години, но тој продолжува истото да го прави. И да е ветеринар, тоа не му е дозволено. Мора кучето да има физичка повреда, да има потврда од ветеринар за да се направи интервенција. По неговото касапење на ушите и на опашката, многу луѓе ги носат кучињата на интервенции кај ветеринари. Не се добро сошиени, пукаат конци, имаме поплаки од многу луѓе во нашите друштва и клубови“, вели Никола Ангелковски, претседател на клубот ‘Ротвајлер’“, Кинолошко друштво Ново Лисиче.

Куќата во Чаир каде што кинолозите се жалат дека Христовски сечел уши и опашки на кучиња

Во пријавата единаесетте друштва навеле дека претседателот на Кинолошкиот сојуз, спротивно на законот, прави хируршки интервенции на кучиња од расите доберман, кане корсо, американски стафордски териер и други и бараат да се преземат мерки за да се стави крај на ваквото измачување на кучињата.

„За да може да се стекне вистински увид во ситуацијата, која инаку е алармантна, ви предлагаме АХВ да прибави податоци од Кинолошкиот сојуз на РМ за сите кучиња од наведените раси и нивните сопственици и да се увери во масакрот што е извршен“, стои во пријавата до Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од Агенцијата уверуваат дека работат на случајот.

„Постапката по однос на пријавата е во тек. Од страна на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство се поверуваат повеќе одгледувачници, а до Кинолошкиот сојуз е испратено известување дека сечењето уши е казниво по закон. Како кинолошко друштво, согласно нивните надлежности, тие треба ова – купираните уши, да го исфрлат како кинолошки стандард за кучињата“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство за „А1он“.

Јордан Христовски, кој од февруари годинава е претседател на Кинолошкиот сојуз на Македонија, не одговори на испратените прашања за сечењето уши и опашки, ниту од свое име, ниту од име на функцијата претседател на Сојузот.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство објаснуваат дека Законот за заштита и благосостојба на животните е дециден дека се забранети хируршки интервенции врз животните за модифицирање на нивниот изглед, скратување на опашката и потсекување на ушите и други интервенции како што се девокализација, отсекување канџи и обеззабување.

„За конкретниот прекршок – потсекување на уши и опашки, Законот предвидува парична казна во висина од 1.500 евра во денарска противвредност за правно лице и 600 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице. Казната што ја пропишува законот за физичките лица изнесува  200 евра во денарска противвредност“, велат од Агенцијата.

Дали ќе има казна за претседателот на Кинолошкиот сојуз и во кој износ, ќе зависи од инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, кои сè уште го истражуваат случајот.

Од претседателот Христовски кинолозите чекаат одговор и на обвинувањата зошто не презема мерки за расчистување на откриениот финансиски криминал во Кинолошкиот сојуз на Македонија. „А1он“ веќе објави дека кинолошките друштва побарале во расчистувањето да се вклучат Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција.

Би можело да ве интересира

АХВ: На фејсбук страницата „Zeolit MK“ нелегално се продава „Zeo Medic“, производот не е одобрен и нема гаранција дека е безбеден

Повлечен од продажба небезбеден чипс од Косово

Бабовски: Да не се шират лаги зашто ниту една кривична пријава не може да ја спречи веќе создадената паника во јавноста

Катерина Ѓуровски

„Ми смрди на риба“, „Јастребот на соседот ми ги нападна гулабите’: До Агенцијата за храна и ветеринарство стигнуваат чудни претставки

Орце Костов

Олово, кадмиум и арсен се пронајдени во домат и крставица тврди ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Анима Мунди: Агенцијата за храна и ветеринарство повторно доследна во несопособноста