АНАЛИЗА: Македонските граници отворени за сите, Македонците без ограничувања само во 7 земји

Од:

Само во седум земји државјаните на Македонија можат да патуваат без рестрикции и ограничувања. На списокот се Албанија и Турција, каде што Македонците без ограничувања патуваа и летово, од понеделник, со последното олабавување на мерките на границите, реципрочно, без тестови ќе може да се патува и во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, а без тест, но со здравствено осигурување Македонците може да патуваат и во Бразил.

Сите останати земји имаат посебни правила при влез кои важат и за македонските државјани, а има и земји во кои влезот за Македонци е забранет како мерка на заштита од ширењето на вирусот Ковид – 19.

Само негативен тест за Ковид – 19 за нашите државјани е доволен за влез во Бугарија, Јордан, Пакистан, Замбија и Египет.

Влез, пак, само со мерка задолжителен карантин, без тест, за Македонците е дозволен во Украина. Според послените измени, од 28 септември 2020 година странците и лицата без државјанство можат да ја преминат државната граница за да влезат во Украина, доколку имаат полиса за осигурување издадена од осигурителна компанија регистрирана во Украина или странска осигурителна компанија што има претставништво во Украина и ги покрива трошоците поврзани со третманот на Ковид-19, и важи за периодот на престој во Украина. Постои општо барање за самоизолација за сите категории патници – граѓани на Украина, странци и лица без државјанство кои пристигнуваат во Украина од земји со значително зголемување на заболени од Ковид-19, како и за странци кои се државјани на такви земји. Лицата кои подлежат на самоизолација, по преминувањето на државната граница се должни да инсталираат и активираат посебна мобилна апликација. Ако е невозможно да се инсталира апликацијата, лицето  се носи под државна опсервација.

Со задолжителен негативен тест и карантин од 10 дена од Македонија може да се патува и во Австрија. – Австрискиот Парламент

Со задолжителен негативен тест и карантин од 10 дена од Македонија може да се патува и во Австрија. Австрија има воведено 6 степени на ризик за патување по групи на земји. Република Северна Македонија моментално е групирана во највисокиот 6-ти степен под “Предупредување за патување” со црвена боја со кое австриските државјани се предупредуваат да не патуваат во Македонија, а оние кои се кај нас се повикуваат да исконтактираат со надлежното австриско претставништво.

Ова предупредување за патување, согласно нашето Министерство за надворешни работи, нема никакво влијание врз лицата од Северна Македонија кои влегуваат во Австрија или сакаат да транзитираат низ Австрија. До 31 декември важат правилата според кои копнените граници и натаму се отворени како за излез така и за влез и за патниците од Северна Македонија, без оглед на нивното државјанство. Задолжителен е негативен тест не постар од 72 часа и карантин од 10 дена. Отворени се и аеродромите за летови од Македонија, но по воздушен пат во Австрија не е дозволен влез за Македонци туку само транзит за што не е потребен негативен тест туку само изјава.

Белгија дозволи влез на лица кои доаѓаат од Македонија но под посебни услови. Досегашната мерка забрана за патување од/до трети земји или од земји во рамките на ЕУ со висок ризик или црвени зони, сега стои мерката „силно се обесхрабрува“. Земјите, Белгија ги дели по бои: црвена зона – земји со висок ризик и портокалова боја – зголемена претпазливост, во зависност од бројката на заразени во една земја. Македонија е ставена во црвена зона и по враќањето од Македонија во Белгија, задолжителен е КОВИД тест и карантин. Суштинските патувања кон и од трети земји, се овластени за категории на лица кои вршат суштинска функција, меѓу кои и дипломатите, но патниците кои пристигнуваат на територијата на Белгија од земја надвор од ЕУ. Тие мора да ја докажат нивната суштинска функција преку придружни документи. Сите патници кои влегуваат во Белгија, без оглед на нивниот статус , земја на потекло или средства на превоз, мора однапред да пополнат формулар –локатор на патници. Откако ќе биде предаден пополнетиот  формулар во Белгија, ќе добијат порака или и-мејл за да одат на тестирање. Само тестовите направени во Белгија се признаваат. Патниците кои нема да престојуваат во Белгија повеќе од 48 часа, нема да бидат контактирани за да направат тест.

Од Македонија во Германија можат да патуваат германските државјани, државјани на ЕУ и државјани на трети земји со право на тековен престој или работа во Германија

Германија останува забранета за македонските државјани. Исклучоци се германските државјани, државјани на ЕУ и државјани на трети земји со право на тековен престој или работа во Германија, а има и посебни исклучоци кои се детално наведени на страницата на Министерството за надворешни работи на Македонија.

Владата на Словенија со одлука од 29 септември ја стави Македонија на списокот земји со висок ризик од инфекција, црвен список, па на лицата кои од Македонија влегуваат во Словенија им се одредува карантин од 10 дена поради можна инфекција. Карантин не е задолжителен ако лицето покаже негативен тест не постар од 48 часа. Словенија од 6 октомври целосно ги празнава тестовите направени во голем дел од македонските лаборатории. Список на лабораториите од кои се признава тестот е објавен на страната на Министерството за надворешни работи.

Словачка на 1 октомври ја категоризира Македонија во групата ризични земји. За влез во Словачка потребна е домашна изолација и негативен ПЦР тест за Ковид – 19.

Македонија не е на листата на високо ризични земји на САД, но македонските државјани можат да влезат вo САД доколку имаат валидна американска виза и доколку 14 дена пред да влезат не престојувале ниту транзитирале низ некоја од земјите кои, според нив, се со висок ризик. Високо ризични земји според САД се Кина, Иран, Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија вклучувајки ги и Монако, Сан Марино и Ватикан, Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска,Република Ирска и Бразил.

Македонија не е на листата на високо ризични земји на САД, но македонските државјани можат да влезат вo САД доколку имаат валидна американска виза и доколку 14 дена пред да влезат не престојувале ниту транзитирале низ некоја од земјите кои, според нив, се со висок ризик.

Со тоа што не е исклучок транзитот низ овие земји, затворени се сите вообичаени воздушни патишта кои Македонците ги користат за да сигнат до САД. Оваа забрана важи и за македонските државјани кои имаат привремен престој во САД, врз основа на американска H1B виза или друга неемигрантска виза. Забраната за влез не се однесува за лицата со постојан престој во САД кои имаат зелена карта и членовите на нивното потесно семејство. За низ е дозволено да влезат во САД само преку 15 аеродроми.

Патниците кои пристигнуваат во Дубаи за туристички или кратки посети, при пристигнувањето повторно се тестираат за Ковид19 и се додека излезе негативниот разултат обврзани се да не го напуштаат хотелот

Посебна дозвола за влез, негативен тест и карантин се потребни за сите што сакаат да патуваат во Обединетите Арапски Емирати. Сите патници се обврзани да симнат посебна апликација на мобилниот телефон и да ја држат вклучена. Патниците ќе ги сносат сите трошоци за тестови и карантин во случај ако нивното приватно сместување не ги исполнува потребните стандарди.

Патниците, пак, кои пристигнуваат во Дубаи за туристички или кратки посети, при пристигнувањето на аеродромот во Дубаи повторно се тестираат за Ковид19 и се додека излезе негативниот разултат обврзани се да не го напуштаат хотелот односно местото на престојот. Исто така и пред поаѓањето од Дубаи обврзани се на ПЦР тест со негативен резултат за да им се дозволи бординг во авион.

Во сите останати земји македонските државјани имаат забрана за влез. Меѓу нив се Грција, Франција, Данска, Италија, Канада, Романија, Унгарија, Чешка, Шведска, Шпанија, Холандија, Полска, Португалија. Меѓу земјите со забрана за влез на македонски државјани е и Русија. Амбасадата во Скопје е во преговори да се направи исклучок и да се дозволи влез на странците кои се редовни студенти на руските универзитети.

Од македонското Министерство за надворешни работи посочуваат дека сите кои планираат патување, потребните информации за секоја земја поединечно можат да ги најдат на веб-страницата на МНР. До вчера на страницата стоеја стари и неажурирани податоци, но портпаролот на МНР, Бекри Ајдини во изјава за „А1он“ рече дека податоците биле обновени доцна синоќа и утрово.

Би можело да ве интересира

Пивоваров: Полиграфска проверка на службениците на границите, како мерка за сузбивање на корупцијата

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Се враќаат границите во ЕУ поради мигранти – По Германија и Австрија и Чешка воведоа контроли

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска