Штрајкот на железничарите кои бараат повисоки плати поради зголемените трошоци за живот, денеска го прекина железничкиот сообраќај во Франција.
Националната железничка компанија СНЦФ соопшти дека еден брз воз е откажан, додека регионалните услуги, како што се приградските возови во регионот на Париз, се во прекин.
Во соопштението се наведува дека се очекува денеска повторно нормално да сообраќаат меѓународните линии, вклучително и возовите на Еуростар за Лондон и возовите на Талис за Брисел.
Синдикатите на железничарите повикаа на еднодневен штрајк. За денеска е закажана средба меѓу синдикатот и раководството на СНЦФ.
Синдикатите во соопштението велат дека сакаат „општо зголемување на платите барем еднакво на зголемената инфлација“ по 10-годишното замрзнување на платите.
Извор: МИА