Од 400.000 евра на 1,5 милиони за земјоделците и од 800.000 евра на 2,3 милиони за земјоделските стопанства е зголемен прагот на апсорбирање средства од ИПАРД-програмата.
Како што изјави денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, ваквото решение, по претходно барање на Македонија, е разгледано и прифатено од Европската комисија, а ќе важи од идната година.
– Можноста за поголемо и поефикасно искористување на ЕУ-средствата е отворена во месната и винската индустрија, како и во делот на обезбедувањето трактори и останата земјоделска механизација, истакна Коњановски.
Од февруари 2008 година досега се објавени вкупно седум ИПАРД-огласи. На нив се јавиле 536 апликанти, а се одобрени 167 проекти што е третина од поднесените барања, во вкупна вредност од 15,4 милиони евра од кои 7,6 милиони кофинансирала ЕУ.