Со трактори и друга механизација 50-ина земјоделци од Делчево денеска протестираа покрај регионалниот пат Делчево-Берово. Земјоделците бараат обештетување од мразевите кои и до 100 отсто им ги уништи сливовите насади, бараат исплата на субвенциите, но искажаа револт и од осигурителната политика на осигурителните компании кои не врешеле осигурување од пролетни мразеви.
Славчо Гоцевски, кој е еден од најголемите овоштари во Пијанец истакна дека од пролетните мразеви во Делчево и лани и оваа година овоштарите берат само штети.
– Ние овде се собравме денес за да ги опомениме надлежните за маката на овоштарите од Пијанец. Ние имаме големи штети на насадите на сливи и вишни, изјави Гоцевски
Тој додаде дека најмалку во Делчево ќе имаше род од 6 до 7 илјади тони сливи или тоа се 1,3 милиони евра штета и вишни ќе имаше околу 1,200 тони само Делчево, а заедно со Берово 10 илјади тони.
Груо Синадиновски, овоштар од делчевското село Град апелираше до Владата и до осигурителните компании да ја сменат политиката за осигурување и навреме да ги објават пакетите за осигурување од мраз.
-Јас имам 10 хектари насади со сливи, осигуривањето не е скапо и државата помага. Но, компаниите не осигуруваат од штети од пролетен марз. Испраќам апел до компаниите порано да објават пакети за осигурување од мраз, некаде од први јануари, за да можеме да ги осигураме насадите. Апел и до државата да направат договор со компаниите, за осигурување од пролетен марз, рече Синадиновски.
На земјоделците од Пијанец не им се исплатени и штетите од поплавите пред две години. Протестот започна во 10 часот и траеше еден час.