На синоќешното Собрание на учесници во консолидација на земјоделско земјиште од село Егри, кое се одржа во Битола, со мнозинство гласови сопствениците на земјоделско земјиште го усвоија предлог планот за распределба на земјоделското земјиште, како завршна фаза во постапката за консолидација во катастарската општина Егри. Собранието го организираше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, надлежно за спроведување на националната политика за консолидација за земјоделско земјиште.
Проектот за консолидација во битолското село Егри, во кој учествуваат 214 сопственик на земјиште, е првиот комплексен консолидационен проект во државата, но и во поширокиот регион. Со помош на овој план за прв пат 336 хектари земјоделско земјиште се окрупнија, по принципот на распределба на земјишните парцели со промена на границите, кој вклучува и интервенции во инфраструктурно подобрување.
Конкретно, во Егри, со консолидацијата, бројот на уситнети парцели се намали за околу три и половина пати. Поточно, почетните 874 парцели се намалува на 260 окрупнети парцели, а просечната големина на парцелите од 0,38 ха пред консолидацијата, се зголеми на околу 1,3 ха по консолидацијата. Или, претходно просечниот број на парцели по сопственик бил повеќе од четири парцели. Сега со консолидацијата просекот е околу една до две парцели на сопственик.
Со овој процес на окрупнување на земјиштето сите новоформирани парцели добиваат правилна форма и поголема површина погодна за земјоделско производство, со обезбеден пристап до патната инфраструктура и системите за наводнување и одводнување. Сите овие придобивки за земјоделците значат помали производствени трошоци, намалување на времето за обработка, можност за примена на современа технологија, што крајно ќе резултира со модерно и конкурентно земјоделско производство.
Дополнително, со проектот за консолидација на земјоделско земјиште во с. Егри, покрај значителното подобрување на земјишната структура, се очекува да се намали ризикот од поплавување на земјоделските површини и штетите кои, поради непостоењето на систем за одводнување, беа редовна појава во изминатите години.
По вчерашното усвојување на планот за распределба на парцелите во Егри, ќе започне процес за регистрација на новоформираните парцели во Катастарот за недвижности и подготовки за инвестиции во подобрување на земјоделската инфраструктура во консолидационото подрачје. Предвидена е изградба на околу 10 километри нови пристапни патишта и над 9 километри нова мрежа на канали за одводнување и надоградување на системот за наводнување, со средства обедбедени од Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија.
Постапката за консолидација во Егри започна во рамки на Програмата за техничка поддршка на ФАО, а продолжи со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на тековниот проект МАИНЛАНД спроведуван од ФАО и МЗШВ.
Окрупнувањето на земјоделското земјиште е неопходен процес во насока на подобрување на перформансите и конкурентноста на земјоделскиот сектор и доближување до европските стандарди. Успехот постигнат во Егри и придобивките од окрупнувањето на земјоделското земјиште кои допрва ќе станат реалност за земјоделците од Егри се очекува да го поттикне интересот за вклучување во процесот и на останатите сопственици на земјиште во другите делови од државата.