Сувото време, без врнежи, е повеќе од добредојдено за земјоделските култури во овој период од годината кога есенската сеидба е во полн ек, а овозможи и продолжување на жетвата на оризот во Кочанско.
Според агрометеоролозите, земјоделците треба да го искористат овој период на оптимални временски и почвени услови.
-Надпросечните температури на воздухот овозможуваат одлично поникнување на веќе посеаното, што навестува успешно навлегување во зимата во услови на презимување во понапредни фази на развој, а последните мерења на влажноста во почвата покажуваат одлични резултати на влага на целиот ораничен профил, оценуваат агрометеоролозите.
И во текот на наредната седмица се очекуваат исти или слични временски услови како во изминатиот период, со повремени врнежи на почетокот на седмицата, што дополнително ќе придонесе за сеидбата.
-Утринските температури треба да се одржуваат позитивни заради облачноста, а дневните да бидат надпросечни за овој период од годината и да достигнуваат вредности и до 15 степени. Оттука, препораката за земјоделците е иста, до максумум да ги искористат и временските и почвените услови, истакнуваат агрометеоролозите.