Намерно или ненамерно уништување на мелничката индустрија, една од малкуте што работи во моментов, што дава плати и плаќа придонеси и даноци. Вака млинарите ја оценуваат владината Одлука со која се забрани покачување на цената на основните производи, односно се наложи тие да останат до нивото на кое биле заклучно со 11 март годинава.
Според мелничарите, цената на пченицата и на превозот од Србија е зголемена, а тие не смеат да го поскапат брашното. Но, Одлуката, велат, дозволува зголемување на цената на увозното брашно. Затоа бараат нејзина итна измена и предупредуваат дека поради ваквата ситуација работењето им е во застој.
Пченицата што ја купуваат од Србија е поскапена за 20 евра по тон, а превозот околу 10 евра по тон.
-Ова е тотална блокада на сопственото производство и директен удар врз мелничката индустрија со уништување и затворање во ваков момент на криза. Вчера скоро сите млинови беа застанати со работа зашто нашите клиенти не ни бараат брашно. Се плашат од инспекции и продаваат поскапо српско брашно, бидејќи тоа им го дозволува Одлуката. Инспекциите од 16 – 17 март наваму интензивно одат на терен кај нашите клиенти и им се закануваат да не го продаваат нашето брашно зашто цените се покачени со изговор дека во Одлуката и нејзината измена не пишува ако е зголемена и цената на пченицата (како ние брашното од воздух да го правиме) или суровината што правно не смееме да ги покачиме цените. А кај оние што имаат српско брашно не одат да вршат проверки зашто таму според Правилникот може да се продава по повисока цена, вели за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ.
Според него, ако ситуацијата не се надмине последиците ќе бидат катастрофални и за претстојната жетва која следува за три месеци, како и за земјоделците.
-Владата донесе Одлука да се задржат цените на ниво од пред 11 март 2020 во претходни консултации со нас околу тоа колку имаме залихи на пченица за да произведеме брашно. По Одлуката или попрецизно, од 16 март, се случи невидена паника и купување брашно од страна на граѓаните. Во меѓувреме, Србија забрани извоз на брашно во земјава, а дозволен беше увозот на пченица. Србите како наши „партнери“ во ЦЕФТА веднаш искористија прилика и до денеска ја покачија пченицата за 20 евра по тон, а исто и транспортерите го зголемија превозот на околу 10 евра по тон. По ова, ние мелничарите се соочивме зголемување на цената на пченицата и на трошоците за производство на брашно, што консеквентно доведе до зголемување на цените на брашното од минимум два или три денари по килограм. По оваа ситуација реагиравме со барање да се смени Одлуката и во неа да стои – „ако цените се зголемуваат за набавки, тогаш да се задржи маржата на заработка како пред 11 март за да има некаква контрола“, објаснува Малишиќ.
Проблемот е, додава, или правно нејасна Одлука или „нешто друго“.
-Во измената на Одлуката објавена во Службен весник број 76 стои дека „ако наведените производи од увоз имаат зголемена цена, тогаш треба да се задржи маржата како пред 11 март. Веќе десет дена вршиме интензивен притисок врз Стопанската комора и министерствата за земјоделство и за економија – да ја изменат Одлуката во која наместо „увозните“ треба да стои „набавните“ и наместо „производите“ да стои „суровините“ од кои се прават овие производи, посочува претседателот на Групацијата.
Негова оценка е дека истиот проблем го имаат и производителите на масло за домашна употреба, како и сите други индустрии кои произведуваат производи наведени во Одлуката.
Мелничарите денеска најавуваат средба во Министерството за економија и очекуваат решавање на проблемот.