Од Одделнието за истраги при Царинската управа на Република Македонија, информираат дека во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при МВР, вчера била спроведена акција против нелегална продажба на режан тутун.
„Предмет на акцијата беше контрола и заплена на производи кои нелегално се продаваат и коишто претставуваат акцизни добра, а поради постапување спротивно од Царинскиот закон и другите закони за чие спроведување е надлежна Царинската управа на РСМ, на две одделни локации на територија на Град Скопје привремено се одземени 280 килограми режан тутун со што избегната е наплата на акциза во износ од околу 500.000 денари. Против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по член 279 Б од кривичниот закон.
Во паралелна независна истрага на граничен премин Табановце по извршена детална контрола на товарно моторно возило, царинските инспектори од Одделението за оперативни работи привремено задржаа 1200 пакети (59996 штеки) цигари со трговска Marble Filter de luxe“, се наведува во соопштението од Царинската управа.
Од таму велат дека стоката е со вкупна вредност по фактура од 6.155.280,00 денари, и е привремено задржана поради основано сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост.