Членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска го разгледаа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во прво читање и едногласно оценија дека е прифатлив и може да се даде на натамошно, на второ читање.
Со овој Предлог-закон се определува недела како ден на неделен одмор за сите, со одредени исклучоци кај работодавачи во дејностите каде работниот процес не дозволува да се направи прекин на работниот процес.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска образложи дека дека ова законско решение е наменето за работниците и додаде оти не сакаат да има отпуштање на работници. Посочи на подготовката на ова законско решение и на помошта од Сојузот на стопански комори, кој, како што рече, направи анкета кај своите членки и врз основа на таа анкета околу 70 отсто се изјасниле дека е прифатливо ова решение и дека треба како такво да се процесуира.
-Дополнително, на седниците на Економско социјалниот совет двата главни партнери, покрај нас, како предлагач, како министерство, Организацијата на работодавачи застана и го брани ова законско решение, се согласни во делот на надоместокот, рече Шахпаска.
Министерката Шахпаска посочи дека драстично ќе се промени сликата во градовите низ земјава, нема да работат супермаркетите, ништо нема да работи, освен големите молови. Нагласи дека ова решение е голема придобивка, не е избрзано затоа што, како што рече, се работеше низ една долга процедура, цели шест месеци, ја слушнавме јавноста.
Со предложените измени на Законот за работни односи денот недела е ден за неделен одмор. Со оваа измена, според министерката Шахпаска, се прави баланс на приватниот и професионалниот живот на работниците.
За околу 92 проценти од работниците во државата недела ќе биде ден на неделен одмор.
Работниците во дејностите кои се неопходни да функционираат, ќе добиваат за 50 отсто повисока дневница. Трговските центри во недела ќе работат само во една смена, од 10 до 18 часот, а вработените ќе добиваат 100 отсто повисока дневница за работа во недела.
Трговските субјекти во моловите ќе имаат обврска да уплаќаат износ во висина од 2 отсто од остварениот промет во недела во Буџетот, а овие средства ќе бидат искористени за основање на нови детски градинки.
За спроведување на овој закон се потребни дополнителни финансиски средства од државниот Буџет. Врз основа на расположивите податоци за бројот на вработени во јавен сектор, кои би работеле во недела ( 30 проценти), просечната плата во земјата се проценува дека фискалните импликации би изнесувале околу 43.100.000 денари месечно, односно 516.600.000 денари на годишно ниво.
На седницата не беше усвоен предлогот од пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ да се одржи јавна расправа на тема законско решение „Недела неработен ден“. Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, местото за јавна расправа е во Собранието, а владејачкото мнозинство бега од соочување со аргументите, јавните дебати и соочување со јавноста. За денес, како што велат, не се консултирани Сојузот на синдикатите, Стопанските комори, ниту пак експертската јавност.