(ВИДЕО) Заев: Земјоделците ќе добијат дополнителни три денари субвенции за арпата

Од:

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека од КОВИД-програмата, проектирана во јуни, земјоделците ќе добијат дополнителни три денари субвенции за оризовата арпа.

Со тоа, како што нагласи Заев, ќе им се излезе во пресрет на барањата на производителите за надминување на пониските откупни цени поради пандемијата.

Заев присуствуваше на завршните настани од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ заедно со министерката за образование Мила Царовска, заменик-министерот за земјоделство Трајан Димковски и други владини претставници.

-Од КОВИД програмата, која навремено е планирана уште во јуни, ќе им помогнеме на оризопроизводителите со дополнителни три денари по килограм оризова арпа, со што излегуваме во пресрет на барањата за надминување на пониските откупни цени поради пандемијата. Во подрачната единица за земјоделство во Кочани доставени се и 1020 картички за „зелена нафта“, а ги исплативме субвенциите за полјоделски култури од програмата за финансиска поддршка во земјоделството од околу 640,5 милиони денари, во кои влегуваат и субвенциите за оризот што ги добија над две илјади субјекти. Ја почнавме капиталната инвестиција за изградба на браната Речани што треба да заврши до крајот на 2024 година и ќе овозможи наводнување на 1.500 хектари, стабилно водоснабдување и производство на електрична енергија од две хидроцентрали, истакна премиерот Заев.

Заменик министерот Димковски нагласи дека со владината поддршка од 32,5 милиони денари, при што се склучени 25 договори, годинава за првпат во Кочанско за оризовата жетва ќе се користат нови комбајни со уреди за сечкање на сламата, за да се избегне нејзиното палење.

По триесетти пат годинава Општина Кочани беше организатор и домаќин на завршните настани од културно-промотивната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“. Со рачното зажнејување со срп и обичаите поврзани со собирањето на родот на површините на Земјоделскиот институт во Кочани, беше означен официјалниот почеток на овогодишната жетва на кочанското „бело злато“.

Земјоделецот Тоше Јорданов од Кочани беше прогласен за најдобар млад оризопроизводител, а паричната награда му ја предаде градоначалникот Николчо Илијев кој нагласи дека една од главните заложби на локалната власт е создавање услови за младите да ги продолжат традициите за одгледување ориз.

На централната свеченост на која присуствуваа и гости од збратимените градови од Унгарија и Бугарија, како и граѓани, беше нагласено дека оризот останува еден од главните македонски земјоделски брендови, поради што ја има поддршката од државата.

Во рамки на програмата на петдневната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“ се одржаа десетина културни настани со концерти, промоции на книги, филмски проекции и работилници.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници