Лозарите ќе имаат приоритет во подмирувањето на долгот од стечајната маса на винарската визба „Стефани“, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.
Во одговор на пратенички прашања, Заев рече дека од неисплатените околу 3,5 милиони евра, долг направен за време на претходната власт, досега се исплатени 2,9 милиони. Најголем дел од долгот е на „Повардарие“ и оваа визба ќе добие субвенции, но само ако ја исполни обврската кон производителите и го подмири долгот.
– По пат на трпеливи преговори, разговори, флексибилност и во рамки на законските можности се исплатени 2,9 милиони евра. Остануваат уште 600.000 евра од „Повардарие“ кое има право на субванции, но само ако целосно ја исполни обврската кон лозарите. „Стефани“, пак, е во стечај, а стечајната маса е доволно голема за да може да се исплатат лозарите и тие се први, со приоритет за исплата. Верувам дека ќе дојдеме до моментот преку стечајната маса лозарите да си ги наплатат парите, подвлече претседателот на Владата.
Станува збор, рече, за 10.000 семејства што е 600 евра по семејство.
– Дури и да се 1,3 милиони евра, како што кажувате, тоа би биле 1.300 евра по семејтсва. Ние до крај не се откажуваме, се надеваме дека ќе успееме, за што ни дава потврда и газдата на „Повардарие“. Тој прави напори, се обраќа до банки, зема дополнителни кредиит, ние сме подготвени да потврдиме пред банките дека тоа што го должиме ќе го исплатиме за да олесниме, за парите да стигнат до лозарите зашто се нивни. Никој не ги спори предадените количини грозје, ниту спори дека е тоа потврден долг или побарувањата на земјоделците и тоа имаме намера до крај да го завршиме. Не отстапуваме, подвлече Заев.
Тој уште еднаш нагласи дека определба на Владата е секогаш да интервенира ако тоа е од помош на земјоделците. Фокусот е ставен и на отворање нови пазари, кои досега биле затворени за македонските земјоделски производи.
Во врска со интервентниот фонд што беше спомнат во пратенилкото прашање, Заев напомена дека државата веќе интервентеира преку своевиден интервентен фонд.
– За нас интервентен фонд е Буџетот на РМ и во моментот тој е ставен во функција. Неколку пати интервениравме за да помогнеме без да правиме дисторзии на пазарот или да бидеме надвор од она што е недозволиво. Остануваме комплетно флекисбилни за секогаш да излеземе во пресрет на она што значи сервис на граѓаните, потенцира премиерот Заев.